Ги убил трите деца за да не биде сам кога ќе умре

Харалд Копиц, австрискиот државјанин, кој живее и работи во Загреб, а кој викендов ја згрози хрватската јавност откако со голи раце ги задавил трите деца, седумгодишните близнаци и четиригодишниот син вчера бил префрлен на Клиниката за психијатрија во Врапче, а потоа бил однесен на распит во криминалистичката полиција.

Овие три дена тој беше во болница, бидејќи и самиот пробал да се самоубие, проголтувајќи повеќе од 100 апчиња.

Тој во полицијата изјавил дека му е жал што останал жив, дека долго време бил без работа, дека должел пари за киријата за станот, дека нема каде да оди, па решил да си го одземе животот, но и животите на трите деца за да „не биде сам кога ќе умре“.

Таткото убиец изјавил и дека доколку има можност и начин, повторно ќе се обиде да изврши самоубиство, исто како што испи повеќе од 100 таблети по убиството на децата.

Обдукцијата на телата на убиените деца е завршена, но се прават дополнителни токсиколошки прегледи за да се утврди како се убиени, со труење со апчиња или гушење. Тројното убиство се случи ноќта помеѓу петокот и саботата, на 24 и 25 септември, во загрепската населба Млинови.