Некои од најчестите митови и вистини за бременоста

Мит: Не треба да јадете кикирики и млечни производи, бидејќи бебето ќе биде алергично на нив!

Сосем е во ред да се јаде оваа храна, освен ако жената е алергична на неа или ако лекарот советува да не го прави тоа. Нема докази дека избегнувањето одредена храна ќе спречи бебето да стане алергично на нив. Меѓутоа, како што пишува списанието „Прегненси брт бејби“ (Pregnancy Birth Baby), ограничувањето на исхраната е штетно, бидејќи бебето нема да добие доволно хранливи материи.

Сепак, постојат некои намирници кои е подобро да се избегнуваат за време на бременоста поради опасноста од штетни микроби. Тука спаѓаат некои меки сирења, паштета, полуживо месо или риба, или недоволно сварени јајца.

Мит: Постојат алтернативни начини на коишто може да го одредите полот на бебето!?

Положбата на бебето во стомакот, ставање на венчалниот прстен на стомакот и следење на активностите на бебето се „алтернативни“ и донекаде смешни начини на кои наводно може да се одредите полот на приновата. Според сручњаците, ниту едно од нив не е точно.

Неинвазивниот преднатален тест (НИПТ) се прави во десеттата недела од бременоста и така се открива полот. И ултразвучниот преглед може да биде корисен, но не е 100 отсто точен.

Мит: Во бременоста треба да јадете за двајца!?

Нема докази ни за овој мит. Количината на дополнителна храна зависи од тежината и висината на жената, физичката активност и месецот од бременоста. Но, повеќето жени треба да внесуваат не повеќе од 350 – 400 дополнителни калории дневно за време на бременоста. Тоа се неколку парчиња овошје, тврдо варено јајце или здраво смути. Прејадувањето е лошо и за трудницата и за бебето. Урамнотежената исхрана е најважна.

Мит: Без топла бања, фарбање коса и вежбање!

Топлите бањи се безбедни за бремени жени, само – водата да не е премногу жешка. Хормоналните промени во бременоста може да создадат пречувствителност на топло. Треба да се избегнуваат бањи со џакузи, бидејќи тие можат да доведат до несвестица.

Ниската концентрација на хемикалии во боите за коса не е штетна. Сепак, многу жени претпочитаат да избегнуваат боење во првите 12 недели од бременоста. Ако го преземете овој чекор, но сѐ уште не сте сигурна, држете ја бојата на косата што е можно пократка. Користете ракавици и добро проветрете ја просторијата.

За вежбите што ги правите, прво разговарајте со Вашиот лекар. Ако бременоста не е комплицирана, треба да се обидете да вежбате во просек 20 – 30 минути – четири до петпати неделно. Избегнувајте вежби што водат во опасност од паѓање, како што се јавање коњ, скијање или возење велосипед.

Мит: Гадењето се јавува само наутро!?

Гадење и / или повраќање при бременоста може да се јават во кое било време од денот – поради хормоналните промени. Повеќето жени го доживуваат тоа наутро, а состојбата се подобрува по третиот месец од бременоста. Се разбира, тоа не значи дека сите жени имаат исто искуство.