Опозицијата ќе контролира 108 места во 200-члениот парламент. Сојузниците на Бабиш, социјалдемократите и комунистите, не успеаја да влезат во парламентот.
Резултатите од изборите во Чешка означија удар за десните популисти во Европа, затоа што досегашниот премиер Андреј Бабиш ја изгуби битката пред здружената десно-центристичка опозициска група наречена „Заедно“. Со преброени 99,95 отсто од гласовите тричлената опозициска коалиција освои 27,78 отсто, додека партијата на Бабиш, АНО, освои 27,14 проценти. Разликата во гласовите е околу 32 илјади.
Заедно со другата опозициска група Пирати/Градоначалници (освоени 15,5 отсто) опозицијата ќе има 108 места во 200-члениот парламент. Иако партијата на премиерот Бабиш поединечно освои најмногу гласови, за неа ќе биде невозможно да формира влада. Особено што двата негови сојузници, социјалдемократите (ЧССД) и Комунистичката партија (КСЧМ) не го поминаа петпроцентниот праг за влез во парламентот. Ова е прв пат комунистите да не влезат во парламентот на земјата по Втората светска војна, а социјалдемократите за прв пат не се во парламентот од Кадифената револуција. Лидерите на двете партии, Јан Хамачек од ЧССД, и Војтех Филип од комунистите, вденаш поднесоа оставки откако стана јасно дека нивните партии нема да влезат во парламентот. Во парламентот влегуваат и крајнодесните популисти со освоени 9,5 проценти.
Партијата на Бабиш водеше до пребројувањето на речиси 90 отсто од гласовите, за потоа нејзината предност да се истопи. Излезноста на изборите беше 65,42 отсто.
Многу аналитичари денеска попладне, откако заврши гласањето, изјавуваа дека со отпаѓањето на комунистите од парламентот конечно завршила револуцијата во Чешка.
Вистински победник на изборите е лидерот на Граѓанско демократската партија (ОДС), Петр Фиала, кој е дел коалицијата „Заедно“. Самата партија ОДС е евроскептична, но сите други опозициски групи се наклонети кон поголема европска интеграција. Фиала најави дека со другите опозициски лидери уште вечерва ќе почне консултации за новата влада и дека таа може да биде формирана во најкус можен рок.
Бабиш (67) за време на кампањата се бореше се критиките дека владата исклучително лошо се справила со пандемијата на корона-вирусот, дека забрзано ја задолжувал земјата досега позната по финансиската дисциплина и дека има многубројни конфликти на интереси поврзани со неговите фирми, за кои истрага води и Европската унија. Чешка има најбрзо темпо на задолжување во ЕУ, а со своите 30.000 жртви од короната е на врвот од европските земји по бројот на починати според населението. Бабиш (инаку Словак) е еден од најбогатите луѓе во Чешка. Бабиш, исто така, е еден од најсилните сојузници на унгарскиот премиер Виктор Орбан и на десничарската популистичка влада во Полска.
Опозицијата се залага да го намали буџетскиот дефицит и да ја зголеми владината транспарентност.
Бабиш ѝ честиташе на опозицијата на победата велејќи дека групата околу Фиала имала „одличен финиш“, но изјави дека неговата партија има одличен резултат.