Министерката за образование и наука – Мила Царовска длабоко сонува еден розов сон и опиена од неговите убавини не може да се разбуди. Да! Секој ден облечена во брендирани комплети, како да сака да копира една министерка за култура која гласаше за промена на уставното име, ама секогаш во нова гардероба. Жално е што такви убави, розеви реформи не може да се пронајдат во областа на образованието и науката. Зошто толку бренд тоалети во однесувањето, ако резултатот во реформите е дупка!
Точно не знам од каде да почнам. Но, секако нема да започнам од последниот Декрет на оваа министерка со кој им наредила на инспекторите од Државниот просветен инспекторат да извршат вонреден надзор за функционирање на Универзитетските совети и Советите за односи и соработка со јавноста на факултетите. Толку непознавање на проблемите и пукнатините во системот на високото образование на почетокот на оваа академска година не сум видел во моето повеќедецениско работење во Министерството за образование и наука.
А, Министерката можела да започне со следните клучни точки:
- Дали од 2018 година факултетите во државата го исполнуваат законски минимум од 10 професори во работен однос на определено или неопределено работно време – член 17 т. 12 од Законот за високото образование?
- Дали постои и дали функционира Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност од член 41, 42, 43 и 44 од Законот за високото образование? Ако не постои и ако не функционира, Министерката е должна да излезе на прес и ако има малку совест и морал и етика да се извини пред макеоднската јавност, пред академската заедница и пред студентите и да соопшти кога ќе профункционира.
- Дали постои Oдбор за евалуација на високото образование член 52, 53, 54, 55 од Законот за високот образование? Кој и дозволи на кандидатката на министерот Оливер Спасовски, Марина Митревска таков комодитет да ги парализира институциите на државата? Во тој правец предлагам, лица кои еднаш биле во одбори, совети или други тела, после завршување на мандатот да не може да се именуаат во овие тела или слични на нив. Услов за повторен ангажман да биде длабока ревизија на нивната работа и доколку од независна комисија се утврди дека дала придонес да може повторно да се именува. Со досегашната практика, на привилегираните им нема крај.
- Дали министерке некогаш сте го виделе Регистарот на високообразовни институции од член 71 од Законот за високото образование?
- Дали сте посетиле еден веб сајт на факултет и дали е извршен надзор ажурирањето на овие веб сајтови?
- До каде сме со корупцијата во образовниот систем? Дали е направено истражување на работата на овластеното лице за прием на пријави на корупција? Како оди бизнисот со продавање книги во кабинети на професорите како услови за 6 оценка.
Министерке, пропаѓа Државниот просветен инспекторат со овој менаџмент и капацитети на инспектори. Дали сте размислувале да побарате инспектори од МВР да ги одземат записниците од нивните надзори и да се утврди како работеле? Се додека овие работи во надзорот ги организира раководителот и мој поранешен колега Африм Саљиу тешко дека некој надзор може професионално да се реализира. Во овој момент надзорот се одвива според следната методологија: од Државниот просветен инспекторат после добивање предмет се јавуват кај сопственикот на факултетот, дословно му се кажува што ќе се проверува за да може да се подготви, се бира кој инспектор каде има интерес и ретко може да се види записник со погоренаведените точки кои ги наведов. Системот е распаднат. Штетите се огромни. Студентите брзо гледаат со каков систем на високообразование си имаат работа и набрзо ја напуштаат државата и заминуваат да студираат во странство. Државата има огромна штета. Не знам како не ви е јасно, кога се е јасно како бел ден!
Автор: Ѓорѓи Илиевски Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес