Европските земји ја намалуваат потрошувачката на гасот

Индустрискиот сектор во Европа започна да ја намалува побарувачката на природен гас, бидејќи рекордни цени го направија тој енергенс недостапен за многу корисници.  Просечната потрошувачка во октомври беше 12 отсто помала отколку пред пандемијата на коронавирусот, според податоците собрани од консултантската агенција со седиште во Париз, Engie EnergyScan.

Потрошувачката на гас веќе почна да опаѓа во септември годинава, а потоа беше пет проценти помала отколку во истиот месец во 2019 година, пренесува деловната новинска агенција Bloomberg.

„Во индустрискиот сектор во Европа, постои тренд на намалена потрошувачка и побарувачка за гас“, вели директорот на Engie EnergyScan, Жулиен Оаро.

Според него, досега намалувањето на потрошувачката е најочигледно во Германија, Холандија и Велика Британија, но треба да се почека неколку седмици за да се види дали навистина ќе биде така кога ќе се зголеми побарувачката во грејната сезона која е на почетокот.

Непосредно пред почетокот на зимата, цените на природниот гас достигнаа рекордни нивоа. Одредени енергетски интензивни компании привремено престанаа да работат, бидејќи нивното одржување станува прескапо. Кризата ги зафати и снабдувачите со енергија и влијае врз потрошувачите во Европа.

Референтниот договор за гас неодамна беше повлечен со надеж дека Русија ќе го зголеми износот на испораките, иако во Европа летово ги продадоа своите резерви на течниот природенгас (LNG) поради зголемиените цени на енергенсот во Азија и Јужна Америка. Москва повеќепати посочи дека сите досегашни договори за испораки на гасот се задоволени, како и дека тие се поголеми во однос на ланската година.

Сепак, цените на гасот се и натаму четирипати повисоки. Високите цени може да го забават економското закрепнување во Европа, бидејќи одредени гранки на индустријата веќе се тешко погодени, заклучи Оаро.