Максим Димитриевски ветува зелени катчиња во Куманово

Куманово има млад човек којшто е вработен и задолжен за младинските прашања. Во моментов, во финална фаза реализираме Канцеларија за млади, која се наоѓа спроти стара печатница во поранешните простории во Министерството за информатичко општество. Тоа се две простории кадешто секој млад човек ќе дојде и ќе разговара со лицето коешто е задолжено да ја врши таа работа во општината, рече независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски на дискусијата на тема „Колку потребите на младите во Куманово се инкорпорирани во програмите за локалните избори 2021?“.

Димитриевски истакна дека покрај изградените 13 игралишта, ќе се инвестира и во нови терени.

– Пред два дена завршивме два проекти, но поради изборите не ги рекламираме, во Агино Село и во Романовце. Тоа се нови и современи училишта. Такви треба да имаме во секое училиште. И дополнително, во секоја урбана заедница ќе изградиме зелени катчиња, урбани катчиња. Ќе прашаат зошто досега не е направено? Затоа што до пред четири години немавме канти и клупи. Имаме еден факт, сè што ќе изгради општината се уништува од едно неодговорно однесување. На пример, во Градскиот парк за една вечер беа уништени 46 клупи. И тоа е една масовна појава. Треба да се има општествена одговорност за тоа што им е најважно на младите, а јас се чувствувам млад човек иако имам 45 години. Мојата дефиниција за млад човек без разлика на законот е додека имате родители и ве викаат „сине“ и „дете“. Така е и во тимот со којшто ја работевме програмата, а добар дел од лицата се и кандидати за советници. Имаме прилично млада советничка листа, лицата се неоптоварени политички, а дел од нив студираат на врвни светски универзитети, но останаа тука за време на изборниот процес за да дадат свој придонес во делот на развојот и на демократијата, но и за можностите за младите луѓе – рече Димитриевски.