Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, денеска се најде на спротивен став од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев околу прашањето на европскиот пат на Северна Македонија и Албанија.
Запрашан од Ковачев за тоа дали прифаќа одвојување на Северна Македонија и Албанија за почетокот на преговорите за членство, еврокомесарот одговори негативно.
-Мислам дека е јасно дека двете земји ги исполнија условите и сакаме договор за двете земји, тоа е ставот на повеќе од мнозинството земји членки на ЕУ, во овој момент можеме и треба да ги разгледуваме заедно, изјави еврокомесарот Вархеји.
Неколку минути пред оваа изјава, бугарскиот европратеник Ковачев ги повика европратениците да не говорат за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија како билатерален спор.
– Ова е спор за човекови права, Бугарите во Северна Македонија се плашат да кажат кои се, ова не е луда националистичка тема туку тема за основни човекови права како што стои во резолуциите на Европскиот парламент во последните десет години, оцени Ковачев.
Еврокомесарот Вархеји пред европратениците од Комисијата за надворешни работи повтори дека одлагањето на преговорите со Северна Македонија и со Албанија е штетно за кредибилитетот на Европската Унија.
-Работиме одблизу за да ја деблокираме ситуацијата и да го решиме проблемот за оваа тешка тема, за сега не бевме успешни но имаме надеж, до крајот на оваа година мораме да испорачаме, не смее ова да се доведе во прашање, и на нас е да испорачаме, кога велам нас, мислам на сите земјите членки на ЕУ, мислам и на Северна Македонија која е партнер во ова, патував во двете престолнини и сѐ уште сум подготвен да помогнам, но може ова да бара поголема посветеност, додаде тој.
Вархеји попладнево на прес- конференцијата за извештаите за земјите од Западен Балкан не даде дополнителни објаснувања за новинарите и повтори дека очекува до крајот на оваа година „зелено светло” за преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Запрашан на што го темели оптимизмот за „зелено светло” од земјите членки до крајот на оваа година, Вархеји рече дека е „ангажиран со двете страни, Бугарија и Северна Македонија”.
– Се сретнав со лидерите на двете земји и врз таа основа би требало да најдеме решение и да го убедиме Советот да даде зелено светло уште оваа година, рече Вархеји.
На прашање на МИА да објасни зошто пред европратениците тој рече дека бугарскиот европратеник Андреј Ковачев му е „таен помошник” во преговорите меѓу Скопје и Софија, Вархеји рече:
-Тоа се разбира значи дека работам со европратениците затоа што можат да бидат од помош во пренесувањето пораки помеѓу политичките чинители и се надевам дека пренесувањето на овие пораки ќе помогне да дојдеме до решение, изјави тој.