Анкетните агенции и на локалните избори го утнаа резулатот или намерно „промашуваа“

Анкетите играат важна улога во изборните процеси, па така беше и на овие локални избори. Една работа како да станува пракса која не се поправа. Обично анкетите одат во насока дека ќе победат владејачките партии, а на изборите се добива спротивен резултат, од оваа констатација не се исклучок и актуелните локални избори.

По промашувањата се поставува прашањето колкав е кредибилитетот на агенциите за испитување на јавното мислење? Или, едноставно, нашле крави молзници, па ги молзат колку можат; или шефот секогаш е во право и се треба да е розово. Некои, пак, се прават со намера за замајување на јавното мислење. Но, тие што ги даваат парите треба добро да размислат дали вреди да се соработува со некого што постојано промашува. Можеби клиентелизмот добива друга форма на соработка која е надвор од законските норми.

Така и на овие избори имавме шаренолики анкети со спротивни резултати.

Вообичаено кај нас најмногу се респектираат анкетите на Меѓународниот републикански институт од САД (ИРИ). Според анкетата на ИРИ објавена на 16 јуни за локалните избори на СДСМ му предвидуваа 19% од гласовите, додека на ВМРО-ДПМНЕ од 16% од избирачите. Трета партија, според рејтингот, би била ДУИ за која би се одлучиле 8%, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од 4% од гласачите. Вкупно 21% одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 9% дека воопшто нема да гласаат.

Во главниот град, на прашањето – ако денес се одржуваат локални избори за чиј кандидат за градоначалник би гласале, од 744 испитаници, 21% одговориле дека нивниот глас би завршил на контото на СДСМ, 16% се за личноста која ќе ја предложи ВМРО-ДПМНЕ, додека 8% би била за ДУИ, а 7% за ДПА и 4% за кандидатот на Левица. Дваесет отсто од испитаниците одговориле дека не знаат за кого би гласале, додека 10% одговориле дека нема да гласаат. Од Центарот за анкетни истражување на ИРИ нагласуваат дека маргината на грешка е 3,6 процентни поени.

Во однос на проценките по општини, ИРИ има половични процени, и погодоци и промашувања.

Во скопската Општина Ѓорче Петров анкетирани се вкупно 242 граѓани и од нив 24% одговориле дека доколку денес има избори би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а 21% за СДСМ. Ова покажува дека, за разлика од 2017 година, процентот на оние што би гласале за СДСМ е паднат за 9% во оваа општина, а ВМРО-ДПМНЕ има помалку за 2%. Маргината на грешка на овие одговори е 6,3 процентни поени.

За разлика од Ѓорче Петров, во Куманово сите партии бележат пад, но најзабележителен е оној на ВМРО-ДПМНЕ која за 8% го намалила својот рејтинг, па таму повторно би победил кандидатот за градоначалник од СДСМ. Доколку денес се одржат локални избори, од вкупно 277 испитаници во Куманово, 28% би гласале него, 7% за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и 4% за кандидатот на ДУИ. Овде маргината на грешка 5,9 процентни поени.

Анализата на податоците за останатите градови покажува предност на СДСМ во Штип и во Охрид. Во Штип биле анкетирани 248 испитаници и со маргината на грешка од 6,2 процентни поени, резултатите покажуваат дека 34% би поддржале кандидатот на СДСМ а 15% би биле за неговиот соперник од ВМРО-ДПМНЕ. Дека нема да гласаат рекле 16% од испитаниците.

За градоначалник од СДСМ би гласале и 22% од вкупните 247 испитаници во Охрид. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ би добила поддршка од 16% од анкетираните а 3% би гласале за Левица. Беса би добила 2% додека за ДУИ својот глас би го дале 1% од испитаниците во анкетата спроведена во Охрид. Маргината на грешка тука е 6,2 процентни поени.

Во Тетово, пак, од 257 испитаници и маргина на грешка од 6,1 процентен поен, најголем дел од испитаниците 14% одговориле дека би гласале за кандидат на ДУИ, а само 2 проценти помалку односно 12% се изјасниле за кандидатот на СДСМ. По 10% за Алијанса за Албанците и за Беса, а 8% рекле дека ќе гласаат за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Гостивар, според резултатите од анкетата, највисок рејтинг има Алијанса за Албанците со 22%. Зад кандидатот на ДУИ би застанале 17% од испитаниците. ВМРО-ДПМНЕ ужива поддршка од 10%, а СДСМ 8% од анкетираните гостиварци. Во Гостивар, биле анкетирани 284 испитаници, а маргина на грешка изнесува 5,8 процентни поени.

Исто така и анкетата на „Брима“ бележи промошување на резултат. Можеби наклонетоста кон СДСМ служела за ублажување на поразот. Во анкетата објавена на 20 септември, годинава, на помалку од еден месец од одржувањето на локалните избори, покажуваше дека 19,8% од испитаниците би гласале за кандидат на СДСМ, 17,7% за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, 7,5% за ДУИ, 5,6% за Алијансата на Албанците, 4,6% за Движењето БЕСА, 3,3% за Левица итн., објави тогаш „Слободен печат“.

Во тој момент 2,4% се изјасниле дека ќе гласаат за независен кандидат, а 8,8% дека нема да гласаат. Околу една четвртина се во категорија „неизјаснети“, односно 13% велат дека се „неодлучни“, 3,7% велат „не знам“, а 7,4% недвосмислено „одбиваат да одговорат“.

Една анкета на „Рејтинг“ објавена на 6 октомври на кандидатот за градоначалник на Карпош од редовите на СДСМ, Душко Весковски, му даваше предност од 10 проценти пред противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Оливер Зафировски, додека неговиот актуелен противник во вториот круг, Стевчо Јакимовски, беше сместен на четвртото место со 8,4 отсто поддршка. Рејтинг предвиде 35,7 отсто од испитаниците во Карпош се изјасниле дека го поддржуваат Весковски, 25,4 од испитаниците го поддржуваат Зафировски, додека на трето место беше кандидатот на Левица Дарко Ристовски со 8,6 проценти.

Што се однесува до советничките листи, 35,3 отсто од анкетираните граѓани се изјасниле позитивно за советничката листа на коалицијата на СДСМ, наспроти 24,9 отсто кои дале доверба на советничката листа предложена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа, советничката листа на Левица има приближна поддршка како и кандидатот за градоначалник (9,3 отсто), додека советничката листа на ГРОМ има поддршка од 5,6 отсто, или за неколку процентни поени помалку од партискиот лидер Јакимовски.

Анкетата на „Стратум“ една недела пред локалните избори предвиде дека СДСМ е во водство со 2,3 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ.

За третото место три изедначени актери – ДУИ со 11,64, па Алијансата за Албанците со 11,49 и независните листи со дури 11,2 проценти. Левица заостануваше со 6,7 отсто поддршка, а за Беса се изјасниле 2,87 отсто од анкетираните.

Слична ситуацијата е понудена и во одговорите за кои советнички листи би гласале. Во овој сегмент СДСМ добил поддршка од 20,1, а ВМРО-ДПМНЕ 18,3 отсто. И за третото место повторно изедначеност – за ДУИ 9, за Алијансата за Албанците 8,6 и за независните листи 9,6. Поддршката за Левица е 5,2, а за Беса 2,2 отсто.

Според партиската анкета на СДСМ од 1 јули, нормално, оваа партија водеше на нивните анкети за локалните избори.

На прашањето „За кого ќе гласате?“, 21,7 отсто се изјасниле за СДСМ, 19 отсто за ВМРО-ДПМНЕ, за ДУИ 8,5 отсто, Левица 6,2 отсто, Алијанса за Албанците/Алтернатива 3,8 отсто, со „не знам“ како одговор се изјасниле 12 отсто од испитаниците, со „нема да гласа“ одговориле 16,2 отсто додека со „одбива да одговори“ – 12,6 отсто.

На прашањето за перцепцијата „кој ќе биде победник?“, расположението на гласачите беше следното: Коалицијата предводена од СДСМ – 27,9 отсто, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 16,2 отсто, ДУИ – 9,3 отсто, коалицијата Алијанса/Алтернатива – 3,6 отсто, со „не знам“ одговориле – 36,7 отсто, „одбива да одговори“ – 5,8 отсто од испитаниците. Дваесет кандидати за градоначалници на владејачката партија СДСМ, се во предност пред кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, покажала партиската анкета.

Анкетата на Институтот „АКСИОС“ направена во периодот во периодот од 24.09 до 28.09.2021 многумина ја нарекоа тенденциозна, партиска итн. Но, оваа анкети ги поби сите претходни агенции и во голем процент предвидуваше победа на опозиција.

АКСИОС предвиде дека за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ својот глас го даваат 27,8 проценти од анкетираните, додека за СДСМ би гласале 23,3 проценти од испитаните.

Кај албанскиот блок блага предност имаа кандидатите на Алијанса за Албанците и Алтернатива (6,4%) пред ДУИ (6%).

Наредната анкета на АКСИОС објавена на 10 октомври бележи зголемување на рејтингот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 1 процент наспроти СДСМ и нивната коалиција. Исто така, на анкетата извршена на територија на град Скопје зголемена е предноста за 0.9 проценти на независната кандидатка, Данела Арсовска, пред својот против кандидат Петре Шилегов од СДСМ и коалицијата.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат поддршка на граѓаните од 28,2 проценти, а СДСМ 22,7 отсто. Според ова истражување независната кандидатка Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 18,2 отсто, додека кандидатот на СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов 13,2 проценти, Перо Георгиевски од Левица 5,4 отсто, Арбен Шаќири од ДОМ и ЛДП 4,8 отсто и независниот кандидат Ана Петровска 4,3 проценти.

Во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини. Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се повтори гласањето, бидејќи не е исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

А што покажаа локалните избори на 15 октомври?

Според резултатите во првиот круг коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници во:

Аеродром

Босилово

Бутел

Велес

Виница

Гази Баба

Ѓорче Петров

Градско

Зрновци

Илинден

Јегуновце

Кавадарци

Карбинци

Неготино

Новаци

Петровец

Прилеп

Свети Николе

Сопиште

Штип

Избрани градоначалници од СДСМ и коалицијата се:

Берово

Богданци

Валандово

Делчево

Дојран

Крива Паланка

Кривогаштани

Крушево

Струмица

Од ДУИ има двајца избрани во првиот круг:

Липково

Сарај

Во втор круг, пак, ќе се гласа во следните општини и Град Скопје:

Арачиново, Битола, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Гостивар, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениово, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Центар, Чаир, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Град Скопје.

Како изгледаше тоа во бројки во трката за градоначалник на Скопје, како илустрација за предвудувањата и реалноста.

Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ освои 86.698 гласа или 37,68

Петре Шилегов од СДСМ 78.783 гласови или 34,24 проценти,

Перо Георгиевски – Левица 20.610 – 8,96%,

Бени Шаќири – ДОМ и ЛДП 8.911 – 3,87% итн.

За советот на Град Скопје:

ВМРО-ДПМНЕ освои 79.409 гласови – 34,57%,

СДСМ 53.204 – 23,16%,

ДУИ 26.351 – 11,47%,

Левица 20,203 – 8,85% итн.

Анализата на изборните резултати од неделата, на кои во првиот круг од локалните избори ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ 9, додека ДУИ 2 градоначалника, покажува, доколку освоените гласови на советничките листи на партиите се преточат во освоени пратенички мандати, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе освоеше 45 пратеници, додека владејачката СДСМ 7 помалку, односно 38 пратеници. Споредено со актуелната состојба во Собранието, ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ би имала плус еден пратеник во Собранието (освои 44 на ланските избори), додека СДСМ би имал осум пратеници помалку во однос на ланските парламентарни избори кога освои 46.

Во албанскиот блок ДУИ ќе освоеше 18 пратенички места, Алијанса на Албанците/Алтернатива 7 пратенички места, додека БЕСА 3 пратенички места. Според гласовите на советничките листи, партијата Левица би освоила 6 пратенички места.

По еден пратеник би освоиле ЛДП/ДОМ, Демократската партија на Турците (ТДП) и Групата избирачи за НАШЕ КУМАНОВО која го поддржа Максим Димитриевски.

Во првиот круг на 17 октомври, ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ 9 и ДУИ 2. Правото на глас го остварија 938.631 граѓани, односно излезноста изнесува 51,44%.