Патриотски е тогаш кога е најтешко, да се фатите во костец со проблемите

Колку подолго седат таму каде што седат луѓе како Васко Ковачевски и останатите толку полоша зима ни претстои. Луѓето едноставно го гледаат ЕЛЕМ како можност да заработат, а не да работата, и тоа е суштината за која што ние треба да излеземе пред граѓаните и отворено да зборуваме, дали на овие кои што им е полна устата со придавката ја донесоа оваа болна реалност треба да им овозможиме да останат тука каде што се или треба сите заедно да се бориме за овие луѓе да заминат трајно од политиката, затоа што нанесоа големи штети, а тие луѓе кои што знаат како треба да дојдат на нивни места и да ја извадат Македонија на вистинскиот пат, онаму каде што и е местото, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Мицкоски вели дека патриотизам е да се обезбеди струја и да се заштити стандардот на граѓаните, додавајќи дека секогаш кога е најтешко ВМРО-ДПМНЕ застанува во првите редови и се бори да го спаси она кое што денеска СДСМ го уништува.

-Патриотски е, храбро е кога е најтешко тогаш вие да се фатите во костец со проблемите и да ги решавате проблемите. Ако било лесно немало да биде Христијан ќе бил некој друг, јас сум убеден дека е така. И затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија чест и гордост за нас претставува кога е најтешко на нашата татковина да застанеме во првите редови и да се бориме да го спасиме тоа кое што овие денеска го уништуваат. И го уништуваат со многу криминал, со многу корупција и со многу срам кој што го прават изминатите години, а посебно тоа се случува последните неколку месеци, вели тој.

Мицкоски вели дека тој уште пред шест месеци предупредувал дека на Македонија ќе и се случи енергетска криза, но власта била самобендисана.

-Македонија е во енергетска криза затоа што јас уште пред шест месеци зборував дека ова ќе се случи денеска. Тогаш ме навредува и што уште не измислуваа за мене, а јас само десет месеци бев директор на ЕЛЕМ им оставив 25 милиони евра депозити, им оставив 6 милиони евра на сметка, рече Мицкоски.