Челзи, кој е бранител на титулата во Лигата на шампионите, со високи 4:0 го декласираше Јувентус на својот „Стенфорд Бриџ“ во рамките на Групата Х во најелитното континентално натпреварување, со што обезбеди пласман во осминафиналето.
Победата на Челзи му овозможи да се израмни со Јувентус со по 12 бодови, односно по четири победи и по еден пораз во меѓусебните соочувања, на чело на табелата и двата тима практично се недостижни за Зенит и Малме кои ремизираа со 1:1 на теренот на шведскиот претставник.
Челзи одигра одличен натпревар во кој поведе со погодокот на Тревор Чалоба во 25 минута, а особено убав погодок постигна Рис Џејмс кој во 56 минута со полуволеј речиси ја скина противничката мрежа, а веќе по две минути одличната акција ја заокружи со гол Калум Хадсон-Одои, а конечните 4:0 ги постави Тимо Вернер во петтата минута од судиското продолжение на натпреварот,
Во вториот дуел од истата група домашниот Малме успеа да го впише својот прв бод сезонава. Иако гостите од Санкт Петербург имаа подобри шанси, прв во водство дојде Малме со голот на Сорен Риекс во 28 минута. Во продолжение во 52 минута Артем Дзјуба не реализираше пенал за Зенит, а Швеѓаните имаа шанса да се реваншираат за високиот гостински пораз откако во 86 минута имаа играч повеќе откако поради два жолти картона беше исклучен Дмитриј Чистјаков, но во втората минута од продолжението Јарослав Ракицки го реализираше вториот пенал за гостите. Зенит сега има четири бодови, а Малме само еден.
Во Групата Е, минхенски Баерн ја оствари петтата победа во исто толки натпревари, остварена со 2:1 над Динамо во Киев. Стрелци за гостите беа Роберт Левандовски во 14 и Кингсли Коман во 42 минута, а домашните успеаја да намалат во 70 минута преку Денис Гермаш, што е првиот погодок на киевјаните сезонава во Лигата на шампионите.
Баерн и пред едно коло го осигура осминафиналето, за коешто голема борба ќе се води откако Чави првпат како тренер дебитираше во Лигата на шампионите во домашното реми на Барселона со Бенфика. Барса, така и натаму има два бода повеќе од португалскиот претставник.
Но доколку Бенфика во последното коло на свој терен го совлада киевски Динамо, што е очекувано, тогаш Барселона ќе мора да го совлада Баерн во Минхен, што во овој момент се чини неверојатно. Доколку двете екипи имаат ист број бодови, односно при победа на Бенфика и реми на Барселона, Португалците ќе бидат во предност затоа што како домаќини беа убедливи со 3:0.
Инаку мечот на „Камп Ноу“ до крајот беше драматичен и со многу шанси. Барселона беше подобра, ги гаѓаше стативите, постигнуваше голови од офсајд, но на крајот Бенфика издржа сѐ и извлече нула, иако пред самиот крарј нејзиниот играл Сеферовиќ ја имаше пред себе празната домашна мрежа, но го промаши голот.
Откако Манчестер Јунајтед во финишот ја победи Вилјареал на гости со головите на Кристијано Роналдо во 78 минута и на Џејсон Санчо во 90 минута, во Групата Ф Аталанта имаше шанса да избие на втората позиција со победа над Јанг Бојс во Берн. Аталанта двапати водеше со 1:0 и 2:1, но на крајот се спасуваше од пораз.
Дуван Запата ја доведе Аталанта во предност во 10 минута, а Јанг Бојс израмни во 39 минута преку Жордан Сибачо. Тимот од Бергамо повторно дојде во водство преку Хозе Паломино во 51 минута, а домашните повторно израмнија со голот на Венсан Серо во 80 минута а веќе во 84 минута направија целосен пресврт преку Силван Хефти. Но Луис Мјуриел во 88 минута, само што влезе во игра, донесе ново израмнување со убав погодок од слободен удар.
Аталанта ги задржа шансите да дојде до второто место, но во последното коло мора да го победи Вилјареал на домашен терен, бидејќи сега има еден бод помалку. По овој резултат Јанг Бојс, кој гостува на „Олд Трафорд“, веќе ги загуби шансите за втората позицја во Групата Ф.
Најкомплицирана е ситуацијата во Групата Г каде што пред последното коло во кое се среќаваат РБ Салцбург – Севилја и Волфсбург – Лил, сите четири екипи се во игра за осминафиналето и меѓу нив разликата е само еден бод.
Бодовно најдобро во моментов стои Лил кој во ова коло го победи Салцбург со голот на Давид во 31 минута, а Севилја со головите на Жоан Жордан во 13 и Рафаел Мир во 90+7 минута го победи Волфсбург.