Германија останува посветена на стартот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ

Македонија ги исполни сите услови за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, поради што активностите на Германија ќе бидат решително насочено кон остварување на заедничка стратешка цел – одржувањето на првата меѓувладина конференција на земјава со Унијата.

Вакви пораки вчера испратија новата германска државна министерка за Европа, Ана Лирман на средба со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во Берлин и амбасадорката на Германија во Македонија, Анке Холштајн, што се оценува како знак на континуитет на позициите на Берлин во насока за изградба на Европа базирана на вредности и принципи и со фокус на македонското европско досие како клучен приоритет.

-Македонското општество е подготвено за реформскиот процес за да ја доведеме дома истата Европа којашто вие ја живеете, тоа е задача на нашата генерација. Почетокот на пристапните преговори ќе ја насочи енергијата кон иднината и ќе нé направи победници во справувањето со современите предизвици како што се климатските промени и надминувањето на економскиот јаз преку продлабочена соработка, наместо кон минатото кое влече назад и во кое сите сме губитници. Нашиот случај е критично важен за позицијата на ЕУ во регионот во услови кога европскиот сон е разнишан, и многу важно за исполнување на целите на новата германска влада, меѓу кои е и Западниот Балкан, нагласи Димитров на средбата со Лирман.

Димитров, кој беше прв странски гостин на Лирман од нејзиното стапување на должноста, во разговорите детално ги претстави достигнувањата и предизвиците на Македонија на патот кон Европската Унија, како и приказна на доследност и надеж за европската перспектива на регионот.

-Земјата и регионот се дел од Европа и иако сé уште не сме дел од ЕУ, борбата за обединета, прогресивна Европа е наша заедничка борба, при што во Германија гледаме еден столб на Европа, како сила што влече кон добро и како на исклучително важен партнер – и политички и економски, истакна Димитров.

Претходно, на средбите на Димитров со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино и со државниот секретар во германското МНР, Мигуел Бергер, беше оценето дека политиката на проширување е најважната алатка на надворешното дејствување на ЕУ, како и дека македонското евроинтеграциско досие е клучно за кредибилитетот на Унијата.

Санино на средбата истакнал дека најважниот чекор напред во политиката на проширување е почетокот на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, додека Бергер нагласил дека Германија ќе продолжи интензивно да работи на ова прашање што е наведено како приоритет и во коалициониот договор на новата Влада.

Германската амбасадорка Холштајн во интервјуто за Дојче веле истакна дека официјален Берлин не поддржува никакви алтернативи за полноправното членство на земјите од Западниот Балкан во ЕУ и нагласи дека очекува брз почеток на пристапните преговори на Македонија.

Таа во интервјуто напоменува дека во коалицискиот договор на новата германска Влада предводена од канцеларот Олаф Шолц, има јасни насоки за натамошна поддршка за Западниот Балкан и конкретни насоки во однос на Македонија.

-Ние го поддржуваме пристапниот процес кон ЕУ на шесте држави од Западниот Балкан и потребните реформи за исполнување на сите Копенхашки критериуми. Во оваа рамка го засилуваме граѓанското општество и ги поддржуваме натамошните чекори за приближување, нагласи Холштајн.

Потсетувајќи дека ЕУ е заедница на држави во која владее принципот на консензус, Холштајн во врска со спорот со Бугарија напомена дека Германија и под водството на Ангела Меркел сторила се што е во нејзина моќ „за да го ослободи патот на земјава кон ЕУ“, а вети безрезервна поддршка и од новата германска Влада на Шолц.

Во врска со тоа дека во Скопје и Софија наскоро ќе има нови влади и колку е реално очекувањето спорот да се реши до првата половина на јануари, Холштајн вели дека Македонија сторила сѐ за да биде слободен патот за првата меѓувладина конференција, и предусловите се тука.