Новата влада на Кирил Петков се потпира на прагматизам и енергично дејствување. Се разбира, таа тргна да ја извлече Бугарија од ќорсокакот во односите со Северна Македонија, каде што ја турнаа популистите на ВМРО (какво име за бугарска партија!). Петков постави рок од 6 месеци за изнаоѓање компромис и најави дека ќе го прошири опсегот на разговорите меѓу двете земји во насока на бизнисот, транспортната инфраструктура и културна размена. Затоа што е поважно брзо да се отвори авионска линија до Скопје (како што ветува владата) отколку да се караме за етничката припадност на Гоце Делчев, пишува бугарскиот професор Ивајло Дичев во колумна за Дојче веле.
Се разбира, политиката е уметност на компромис и бугарските политичари ќе мора да им покажат на своите гласачи дека нешто добиле и го заштитиле националниот интерес. Како впрочем и македонските. Да додадам и дека претседателот Радев – иако го откри и го одгледа Петков – не е на иста линија со него и нема да се изненадам ако почне да изигрува вжештена глава на оваа тема. Сепак, доброто е што лажните патриоти не влегоа во парламентот, а национал-социјалистите колабираа на изборите.