Пендаровски: Во Европа не се оди како ничија земја, како дрво без корен

Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог, истакна претседателот Стево Пендаровски денеска во годишното обраќање во Парламентот.

„Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен“, истакна претседателот.

Ние, како што истакна шефот на државата, имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа, како што посочи, е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.

„Децениските оспорувања на нашиот идентитет, нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство. Меѓутоа, во транзицијата, за жал, надвладеа вулгарниот нео-либерален концепт на тотална комерцијализација и во сферата на културата што во суштина задуши многу креативни акции на умот“, рече Пендаровски.

Претседателот рече дека пред две години, токму од ова место, го најавил проектот МКД 2030 кој, како што посочи, беше замислен да ја постави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години.

– За жал, поради пандемијата, како и кај многу други проекти, работата на овој документ беше забавена, се разбира, не и заборавена. До овој момент, во рамките на повеќето работни групи кои се активни, свој придонес дадоа истакнати поединци од академската и бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор, од ресорните министерства, од Собранието, стопанските комори, синдикатите, и од власта и од опозицијата. Иако светот изминатава година беше во карантин, ангажиравме и десетина истакнати интелектуалци од странство и од нашата дијаспора, за што на сите искрено им благодарам – истакна Пендаровски.

Сите тие, како што посочи шефот на државата, имаа комплексна задача пред себе, затоа што членството во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, додека во исто време регионот на Западниот Балкан полека, но, сигурно започна да излегува од стратешките перспективи на големите сили. Пандемијата, како што додаде, ги изложи на увид на јавноста сите системски слабости на општествената инфраструктура, како и областите во кои е потребно инвестирање како подготовка за пост-ковид светот.

– Документот ќе содржи проценка на нашите силни, но, и слабите страни кои ќе бараат повеќе инвестиции и човечки капитал, со препорака каде да ги фокусираме нашите напори, со крајна цел, подобар живот за сите. При тоа, МКД 2030 ќе акцентира повеќе меѓузависни теми и области, од дигитализацијата, децентрализацијата и демократизацијата, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, сè до образованието и науката и борбата против масовното иселување на младите – нагласи Пендаровски.