Си-Ен-Ен: Саудиска Арабија произведува балистички ракети со помош на Кина

Американските разузнавачки агенции проценуваат дека Саудиска Арабија активно произведува сопствени балистички ракети со помош на Кина, јави Си-Ен-Ен. Сателитски снимки до кои дојде оваа американска телевизија покажуваат дека Ријад произведува софистицирано оружје на најмалку една локација.

Американските власти во голем број агенции, вклучително и Советот за национална безбедност на Белата куќа, беа информирани во последните месеци за доверливи разузнавачки информации кои откриваат повеќекратни големи трансфери на чувствителна ракетна технологија меѓу Кина и Саудиска Арабија.

Новите сателитски снимки до кои дојде оваа американска телевизија покажуваат дека Саудијците веќе произведуваат балистички ракети на локација што претходно била изградена со кинеска помош, тврдат експерти кои анализирале фотографии и извори кои потврдуваат напредок во согласност со најновите проценки на американските разузнавачки служби.

Сателитските фотографии направени од „Планет“ помеѓу 26 октомври и 9 ноември покажуваат дека операцијата се изведува во објект во близина на Давадми во Саудиска Арабија. Ова го тврдат истражувачите од Институтот за меѓународни студии Мидлбери, кои за Си-Ен-Ен изјавија дека ова е „првиот недвосмислен доказ дека фабриката работи на производство на проектили“.