Кога еден политичар ќе ја заврши кариерата, добро е да направиме краток осврт на неговото владеење. Секако дека на историјата ќе и’ препуштиме да го смести на страничките на кои заслужува, црните или светлите, а текстовите како овој се само согледување на краткиот период на владеење во реално време.
И, бидејќи сите сме живи сведоци на четиригодишното катастрофално владеење на Заев, чии последици уште долго ќе ги чувствуваме, ќе се обидам да најдам пример во светската историја со кој може да се спореди „времето на Заев“.
Сите добро се сеќаваме на неговата изјава за „квантниот скок“ со кој Македонија ќе се придвижи молскавично напред, на неговото „едно општество за сите“, сосема спротивно, пак, на неговото обраќање пред „другарите и другарките“ дека „ќе јаде живи луѓе“ и „ќе смени се’, од чистачка до директор“.
И, движејќи се наназад низ историјата, стасуваме до 1958-та, во Кина. Тогаш, Мао Це Тунг на „другарите и другарките“ им вети „голем скок напред“, „еднаквост за сите“, што е сосема спротивно од неговото „подобро црвен, отколку експерт“.
Кинескиот „Голем скок напред“ траел околу четири години, помеѓу 1958 и 1962 година, период во кој Мао спровел неколку масовни кампањи во обид да го модернизира и подобри животот во Кина. Една од најпознатите е „Програмата за борба против четири вида штетници“. И, замислете, истребувањето на врапчињата било дел од оваа кампања. Според Мао, врапчињата јаделе премногу жито и, му се чинело како разумна одлука сите да бидат убиени. За нивно истребување бил ангажиран целиот народ. Луѓето три дена и три ноќи лупале во тапани, во тенџериња и во се’ што имале при рака за да не им дозволат на врапчињата да слетаат некаде и да се одморат; им ги уништувале гнездата; ги убивале со огнено оружје… Неколку стотици милиони врапчиња биле убиени и, нормално, лудоста на Мао победила. Идната година, бидејќи немало врапчиња да ги ловат, бројот на инсекти по полињата, посебно скакулци, толку се зголемил, па полињата со жито станале опустошени и завладеала “големата глад“ Проценката е дека од глад умреле околу 45, па дури до 78 милиони луѓе. Луѓето дури почнале да се јадат меѓу себе, родителите си ги јаделе децата, децата си ги јаделе родителите.
Потоа следува Културната револуција на Мао Це Тунг. Овој период се карактеризира со крајна политизација во сите области на животот, со засилен терор на сите нивоа во земјата и политичка катаклизма, придружена со насилства. Тогаш, Мао, во целост го исполнува своето мото дека „не му требаат експерти, туку му требаат црвени“, пренесено во денешно време дека не му требаат стручни и способни луѓе, туку му требаат партиски „другари и другарки“. Со тоа, исполнил уште едно свое ветување – „еднаквост за сите“. За жал, еднаквост во неподносливата сиромаштија и во неможноста за нормален живот на сите, освен на грст партиски функционери.
Лудоста на Мао завршува со судењето на „четиричлената банда“, меѓу кои и неговата сопруга, Џијанг Кинг, предводено од Денг Сјао Пинг, со што почнува вистинскиот подем на Кина, кој трае и трае…
Да го започнеме подемот на Македонија
Слично како и Мао, Заев го започна „големиот квантен скок“ со масовни кампањи на криминал, корупција и рекетарство, па слично како во Кина, овој период се карактеризира со крајна политизација во сите области на животот, со засилен терор на сите нивоа во земјава, со што Заев го исполнува своето ветување дека „ќе јаде живи луѓе и ќе смени се’, од чистачка до директор. Па така, „наместо експерти, промовираше црвени“, односно, наместо способни и стручни поединци промовираше само партиски кадри и, конечно успеа во создавањето „едно општество за сите“. Едно и еднакво во неподносливата сиромаштија и во неможноста за нормален живот за сите, освен за грст партиски функционери.
И, навистина, не моравме во непроспиени ноќи да тропаме по тапани и тенџериња, па врапчињата куртулија и скакулците не не’ нападнаа, но со денови и ноќи гасевме пожари по планините заради неспособноста на власта, па гасевме модуларни болници и автобуси. Заради „црвените“ наместо експертите стотици семејства изгубија свои најблиски во грозоморни катастрофи.
Да се надеваме дека и оваа лудост во владеењето ќе заврши. Ќе заврши со судење не на „четиричлената“, туку на „четириилјадната банда“, која ја опустоши Македонија и ја доведе до ниво на непрепознатливост. Непрепознатливост во секоја смисла.
Па, да започне вистинскиот подем на Македонија кој да трае и трае…