Во големата сала на Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје, денеска ќе се одржи 24. Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес.
Како што информираат од СМК, на форумот поканети се сите македонски организации од сите делови на Македонија и светот.
Се очекува на Генералното собрание да бидат донесени повеќе резолуции како за името на државата, правото на македонско државјанство за Македонците во светот, за репатријацијата на Македонците во своите родни огништа и обновата на македонското село, за семакедонското обединување на Македонците христијани и Македонците муслимани.
Меѓу резолуциите кои што треба да бидат донесени се и за геноцидот врз Македонците и окупацијата врз Македонија, за правата на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 година и Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, за прогласување на Охрид за светски сеправославен центар.
Унапредувањето на положбата и правата на Македонците во соседните држави, помирувањето и обединувањето на Македонците во Австралија, Македонската црква и реституцијата на македонското културно богатство, исто така ќе се поддржат со резолуции.
На 24. Генерално собрание на СМК ќе се донесе и Одлука за формирање Фондација за многудетни македонски семејства „Св. Никола“.
Утре е предвидено да се одржи панихида за Македонците жртви од Првата светска војна на гробот на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев во дворот на црквата Свети Спас во Скопје.
МИА