Второто полугодие почнува од 1-ри февруари, учебната година ќе заврши на 10-ти јуни

Почетокот на второто полугодие за основното и средното образование се одлага за 1-ри февруари, соопшти во понеделникот вечерта премиерот Димитар Ковачевски.

„Оваа одлука ја донесовме на денешната втора седница на Владата во интерес на заштита на здравјето, согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата. Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни, со соодветна адаптација на наставните планови“, рече Ковачевски.

Одложувањето на почетокот на второто полугодие нема да влијае на крајот на учебната година и со адаптација на наставните планови таа ќе заврши на 10 јуни како што е и предвидено во календарот за наставна програма. Почетокот на второто полугодие од оваа учебна година се одложува и наместо од 20 јануари, наставата за учениците од основните и средните училишта ќе продолжи од 1 февруари.

Оваа одлука е донесена на вечерашната владина седница откако претходно таков предлог до Владата достави Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-пандемијата.

„Владата донесе одлука почетокот на второто полугодие на учебната година за основните и средните училишта да се одложи, односно наставата со физичко присуство да продолжи на 1 февруари, согласно заклучокот од Главниот координативен кризен ковид-19 штаб и согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата“, соопштија од Владата по седницата.

Ова, велат оттаму, нема да влијае на крајот на учебната година и со адаптација на наставните планови таа ќе заврши на 10 јуни како што е и предвидено во календарот за наставна програма.

Владата ги задолжила и министерствата за здравство и за образование и наука, како и секторот за односи со јавноста и јавниот сервис МРТ да укажуваат и упатуваат апели до учениците и родители максимално да се придржуваат до препораките за заштита од ковид-19.