Ливерпул го искористи киксот на лидерот и првак Манчестер сити за да се доближи на девет бода со меч помалку од „граѓаните“ во трката за шампионската титула во Премиерлигата, после денешната победа со 3-1 на гостувањето кај Кристал Палас.
Вирџил Ван Дијк по осум минути игра и Алекс Окслејд-Чембрлен во 32-та минута ги постигнаа головите со кои „црвените“ безмалку ја осигураа победата, а иако Едуард по десет минути во вториот дел го крати Кристал Палас во мечот и ја остави неизвесноста, домаќините не успеаа да најдат начин како да го сопнат големиот фаворит, а во 89-та минута од пенал Фабињо ја завери победата на Ливерпул, кој и понатаму е десеткуван со недостатокот на двете свои најголеми ѕвезди Мо Салах и Садио Мане, кои се на Африканскиот куп на нациите.
Арсенал и покрај тоталната доминација на мечот со Барнли не успеа да најде начин како да даде барем еден гол за победа за повторно да дојде до четвртото место на табелата, па ремизираше без голови против Барнли.
Лестер и Брајтон ремизираа 1-1 во третиот денешен попладневен меч во ова премиерлигашко коло.