ВИДЕО| Данска ја освои бронзата на ракометното ЕУРО 2022

Ракометната репрезентација на Данска, како актуелен светски првак, го освои третото место на Европското првенство откако во неделата во средбата за бронзениот медал во Будимпешта по продолжението го победи актуелниот олимписки шампион, селекцијата на Франција со 35:32 (29:29, 13:14).

За Данците ова е седми медал на европските првенства, од кои четири се бронзени откако беа трети на три последователни континентални шампионати во 2002, 2004 и 2006 година.

Данска до победата ја предводеа Јакоб Холм со 10, Никлас Вест Киркелоке со 5, Расми Лауге со 4, а одличен на голот беше Никлас Ландин со дури 18 одбрани.

Кај Французите најефикасни беа Кентен Мае со 8, и Иго Деска со 7 голови, а Винсен Жерар впиша 17 одбрани.

Франција подобро влезе во дуелот и по 12 минути игра водеше до 9:5. Но Данците во продолжението го подигнаа нивото на својата игра и до полувремето намалија на само еден гол заостанување (13:14).

Во првите десет минути од вториот дел Данска успеа да направи резултатски пресврт и да стаса до три гола предност (22:19). Возврати Франција и во последните десет минута влезе со водство од два гола (26:24).

Но на четири минути пред крајот Данска израмни на 28:28, а со погодокот на Ласе Сван на една минута до крајот дојде и до водството од 29:28. Израмни Дика Мем на 30 секунди до крајот, а во преостанатото време Данците не успеаја да погодат за победа. Шутот на Ханс Арон Менсиг беше блокиран од француската одбрана, па мечот отиде во продолжение.

Данска првото дополнително време го отвори со 3:0 со двата гола на Расмус Лауге и Јакоб Тандруп, а надежите на Французите ги врати Кентен Мае намалувајќи на 30:32. Но кога Јакон Холм врати на „плус три“, тоа беше предност која Данска не ја испушти до крајот за конечните 35:32.