Имаше една епизода од серијалот на „Македонски народни приказни“ со газдата на меаната кој беше широкоград чоек, кај кој можеше секој еден да пие и јаде, а според газдата господ еден ден ќе плати за сите. Но, еден ден дојде еден нов добар муштерија кој исто така побара да си го плати на крај цехот од сметката и нормално газдата како што си го дал бог не прифаќа никако, со намера дека господ ќе плати и за него. Но, муштеријата инсистираше да си плати и по некое време му вели на газдата: „абе јас сум господ јас ќе си платам“. Газдата го гледа вчудоневидено и му вели: „ти си господ? Па, кај си бе ти те чекам цела вечност, е ајде сега да платиш за сите што јаделе и пиеле кај мене“, и тука нормално настанува цела мешаници, тепаница итн.
Е, така е и со обичниот македонски народ во нашата држава, цехот сепак ќе си го платиме ние самите до еден, но без бунење и не дај боже тепање пак (инаку кога сме кај „меаната“ во 2012 година во самиот Закон за угостителска дејност го воведов зборот „македонска меана“ како традиционална македонска кујна зачинета со медонски јадења и пијалоци, но тогашниот министер кој беше од албанска националност се противеше на овој наслов и наместо „македонски национален ресторан меана“ остана само “национален ресторан меана“, оној збор – македонски, се избриша, а за жал владата така го усвои, каде ако сега го читате вака напишан во самиот закон, значи дека меани има секакви во Македонија од разни региони, македонски, албански, влашки, босански итн, а брзо можда и бугарски нели).
Почитувани пријатели и непријатели, колеги и граѓани, читатели и вие што не сакате ни да прочитате и све ви е ОК, после долго пишување, укажување, од страна на многу интелектуалци, колумнисти и обични луѓе, вие скептици што мислевте дека се е во ред во нашата мила држава и што ве убедуваа дека нас ништо не ни може, ниту здравствена криза, ниту енергетска криза, што ве убедуваа дека цената на струјата, парното, храната ќе остане иста и единствена, сега ви се испорачаа сметките, подебели од минусните конта што ги имате во банките, не можејќи да си поверуваме самите себеси дека цехот на крај мора некој да го плати, а се знае кој го плаќа секогаш, обичниот граѓанин, народ, жител на оваа наша мила државичка. Немојте да кукате повеќе ве молам, немате право за тоа веќе. Сега трчајте пак по банките или пријателите и молете за некој денар вишак ако имаат да ви дадат, оти цехот треба да си го платите сакале или не, оти некој мора да го плати. Државата нема сигурно, или државата тоа сме ние нели, колективот, додуша зависи кој како.
Јбг тражили сте гледајте, добивте нова влада која повеќе владееше уште од старт во соседната држава него во сопствената држава. Која повеќе се грижи за тој народ таму, него за сопствениот дома. Која се прави слепа дека нас рози ни цветаат дома, а нив таму на соседите трњето им го оставаме и даваме да јадат.
Оваа денешна колумна ме испровоцираа неколку хотелиери кои кога им дојдоа сметките за струја покачени за неверојатни „триста до петсто посто“ поголеми, почнаа јавно да кукаат по телевизии и медиуми. Нормално со право го дигнаа гласот оти цената на трошок на хотелиерот најголема е од вредноста на режиските трошоци кои ги има еден хотел. Иако во хотелиерството важи она популарното “само празна соба е најскапа соба“, а и онака кај нас поготово овој зимски период собите ни се празни и голи, ама ако додадеш на тоа и 300 посто зголемени трошоците за струја, парно, нафта и храна кои исто така влијаат на цената на собата, можете да ги замислите сега нашите хотелиери, им иде да си извршат харакири. Или уште пострашно да си извршиме ние самите харикири, зашто цена на соба во некој од нашите хотели за летово ќе бидат дупло поголеми од сите наши соседи во опкружувањето.
За жал цените на собите во нашите хотели оваа година ќе бидат ужасни, и стравот доаѓа од две страни, неконкуретни цени за домашните посетители и за гостите од регионот, пошто цените на собите кај нив е ќе бидат не на исто ниво туку и намалени во споредба со нашите, туку и преддоговорите потпишани од страна на нашите хотелиери со странските партнери за оваа лето 2022, каде се веќе потпишани со извинување со онаа познатата наша „пат во Европа, провинциска слава, со смкнати гаќи и опинок во глава“. Епа чорба македонче, и копаше и пасеше и на крај чорба доживеа повторно.
Еден мој добар пријател, хотелиер, ми се јави пред некој ден и ми вели Зоки, сериозно размислувам да го продадам хотелот (прашање е само кој ќе му го купи сега во ова невреме) додека банката не ми го зела за багатела (ете кој ќе биде купецот) и да си одам од државава засекогаш и никогаш да не се вратам. Попоразително од ова нема мои драги читатели. И да бидам искрен ова е само еден пример кој го споделувам, но знам дека и вие се соочувате секојдневно со обични ваши пријатели, познаници или комшии кои единствено размислуваат за тоа како да ја напуштат државата и да си најдат, ако можат „нов живот“ некаде надвор по белиот свет.
Почитувани мои пријатели, една држава ја создава и ја чини самиот народ кој живее во неа. Не знам дали сфаќаат нашите водачи дека утре ќе немаат со кого да владеат. Кој да им плаќа даноци, кому ќе ветуваа и ќе му продаваат воопшто „бубрези за муда“, ако го немаш народот во својата држава, ако го немаш домашниот инвеститор, работник, газда. Кому ќе му ја испорачаш сметката и кој ќе го плати цехот на крај.
На „Твитер“ прочитав една многу болна вистина „последниот нека го изгасне светлото на државата и онака е веќе одамна мртва“. Јас не се согласувам со ова и нема никогаш да го прифатам. Да не дозволиме заедно никогаш вакво нешто.
Cogito ergo sum, мислам затоа сум.
Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес