ККС бара до средината на март усогласување на платите со минималната, во спротивно не исклучуваат генерален штрајк

Конфедерацијата на слободни синдикати бара до средината на март усогласување на останатите плати со минималната плата, во спротивно не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк на јавниот сектор.

Раководството на синдикатот на прес-конференцијата во петокот побара почитување на законите и на колективните договори согласно кои треба да се изврши усогласување на платите со минималната плата. Доколку не се направи вакво усогласување, велат од синдикатот, ќе има ситуации во кои неколку позиции различни по коефициент на сложеност, ќе бидат изедначени.

Според синдикатот, во јавниот сектор не се почитуваат законите и колективните договори поради што вработени земаат основна плата под минималната, а не се зема ниту соодветна плата според коефициентот на сложеност.

„Оваа криза не настана пред неколку дена со покачување на минималната плата, туку години наназад со претходните покачувања на минималната плата, со непочитување на Законот за минимална плата и на колективните договори од страна на Владата. Потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде денес и сега затоа што ако работниците во јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување ќе настане голем хаос“, рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски на прес-конференцијата.