Вашите права се приоритет за мене и за целата бугарска влада, со овие зборови бугарскиот премиер Кирил Петков им се обратил на претставниците на организации и здруженија на Бугарите во Македонија, соопшти тамошната владина служба за информирање.
На средбата одржана на нивна иницијатива, Петков ги презентирал најновите информации за напредокот на преговорите меѓу кабинетите на Бугарија и Северна Македонија, чиј фокус е вклучување на Бугарите во македонскиот Устав. Бугарскиот премиер ги запознал гостите и со неговите разговори со европските партнери за евроинтеграциите на Западен Балкан.
-Гостите од Северна Македонија беа категорични – веруваат во новиот пристап што го иницира бугарската влада, бидејќи се убедени дека само со дијалог може да се решат проблемите, соопшти прес-службата на бугарскиот Совет на министри.
Средбата траела околу час и половина.