Запирањето на специјалната воена операција за заштита на Донбас, како што официјална Москва ја нарекува офанзивата во соседна Украина, е можно само доколку властите на Киев престанат со пружањето отпор и ги исполнат руските барања за демилитаризација и денацификација на соседната земја, повторил рускиот претседател Владимир Путин во неделата во текот на телефонскиот разговор со турскиот колега по должност Реџеп Тајип Ердоган.
Како што се наведува во соопштението на Кремљ, рускиот челник ја потврдил подготвеноста на Москва за дијалог со украинските власти и со странските партнери. Притоа, Путин на Ердоган му обратил внимание на „попустите обиди на Киев да ги одолговлегува преговорите“.
Путин, исто така, изразил надеж дека на новата средба со руската делегација во понеделник украинските преговарачи „ќе покажат поконструктивен пристап кој целосно ќе ги земе предвид новите реалности“.
„Руските вооружени сили прават сѐ што е можно за да се спасат животи и да се осигури безбедноста на цивилите, прецизините ударди се нанесуваат исклучиво врз воената инфраструктура“, истакнал рускиот претседател.
Путин на Ердоган му кажал, информираат натаму од Кремљ, дека дејствијата на „националистичките и неонацистички формации кои продолжуваат со интензивно гранатирање“ во Донбас се „особено сурови и цинични“. Радикалите, додал рускиот претседател, ги користат цивилите како жив штит, вклучителни и странските државјани кои всушност се земени како заложници.
Од своја страна, како што известува Кремљ, Ердоган изразил подготвеност да придонесе за мирно решавање на ситуацијата во Украина. Според турскиот челник, тој „одржува контакт со Киев и другите земји и ќе продолжи со напорите за водење сеопфатни преговори и постигнување резултати“.
„Ердоган го повтори својот повик: Заедно да го отвориме патот за мирот. Претседателот Ердоган ја истакна важноста од преземање итни мерки за осигурување прекин на огнот, отворање хуманитарни коридори и потпишување мировен договор“, се наведува во соопштението.
Како што наведуваат од Кремљ, Ердоган ја критикувал и кампањата за дискриминација на руската култура и нејзините дејци, „која зема замав на Западот“.
Од своја страна, пак, Путин ја потврдил подготвеноста на руската страна да соработува во безбедната евакуација на турските државјани од областите во кои се водат борби во Украина.