Јанакиески осуден на условна казна затвор за кинеските автобуси

Екс министерот Миле Јанакиески денеска е осуден на условна казна  затвор за кинеските автобуси, Игор Јанушев не призна вина.

Екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески доби условна казна затвор од две години за набавката на 202 двокатни кинески автобуси. Освен него, на условни казни во случајот “Дизајн” се осудени уште две обвинети кои тогаш биле членови на Комисијата за јавни набавки, откако претходно тројцата признаа вина. Постапката сепак ќе продолжи за Јанушев, кој е единствениот од обвинетите кој кажа дека не се чувствува виновен и тврди дека не го разбрал обвинението поднесено против него како член на Комисијата за јавни набавки во Град Скопје. Во изјава за медиумите, поранешниот директор на ЈСП рече дека станува збор за политички прогон и постапката е водена противзаконски.

Вкупниот договор за автобусите “Јутонг” чинел околу 35 милиони евра. За да го фаворизира Јутонг, според обвинението, министерот повторно донел решение за набавка на автобуси и во критериумот економски најповолна понуда, покрај цена и техничко функционални карактеристики го додал и елементот дизајн, кој инаку не е предвиден во законот. Компанијата не поседувала адекватни сертификати за квалитет, но Јанакиески не ја поништил постапката за јавна набавка со што го прекршил законот.

Обвинетите во Дизајн се гонеа за злоупотреба на службена положба и обвластување. Предметот го отвори поранешното СЈО, а истрагата ја водеше обвинителката Лиле Стефанова. Следното рочиште е закажано за 28 март.