Зборувајќи за острата реакција на лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев во врска со уредбата за албанскиот јазик на полициските униформи, лидерот на Алијанса за Албанците Зијадени Села рече дека тоа е дел на маркетингот на ДУИ и на манипулирањето на јавноста со играта, која тие ја играат меѓу себе.
„За Апасиев е добро да си ги прошири хоризонтите, бидејќи едуцираност и култура е да познаваш други јазици. Му сугерирам да започне со курс за учење на албанскиот јазик и заедно со тој курс да помине и неколку лекции со музичкиот инструмент чифтели, па заедно со Али Ахмети да загрмат со песната за Енвер Хоџа – објави информативната агенција на албански јазик ИНА.
Весникот на албански јазик „Лајм“ информираше поопширно за реакцијата на Зијадин Села: „Коментирајќи ги најавите за спроведување на албанскиот јазик на полициските униформи, лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села посака оваа уредба да ја нема судбината на законот за употреба на јазикот. Тој ја обвини ДУИ дека прави маркетинг со албанскиот јазик веќе 20 години“.
„Ако се земе предвид законот за употреба на јазикот, максималниот рок за негова примена е 2019 година, а тој е донесен во 2018 година во март. Има два рока, 6 месеци во член 24 од законот, првите 6 месеци што значеа промена на сите табели предвидени во законот за двојазичност и вториот рок од една година беше за целосно спроведување на законот на полициските униформи и во секоја институција, на документи и сл. Ова не е спроведено. Некој мора да ја преземе одговорноста за доцнењето од три години“, вели Села.
„Прстот треба да биде вперен кон оние кои го предизвикаа 15-годишното одложување на законот, кои се 20 години на власт. Затоа велам дека и оваа уредба не треба да ја има судбината на законот, затоа што секогаш кога се носи уредба се анимира јавноста само за едно прашање од законот, а другите аспекти остануваат неприменети… На пример, каде е употребата на албанскиот јазик во судот, во обвинителството и за сите оние елементи, за кои и не се расправа? Станува збор за низок маркетинг на една партија во власта, која требаше оваа тема да ја реализира уште кога стана на Владата во 2002 година. Јазикот е многу важен елемент, многу е важна неговата примена“, објаснува лидерот на Алијанса.