Владата на својата 32-ра седница во вторникот донесе одлука да го повлече предлогот на Законот за матична евиденција од собраниска покрената иницијатива за измени и дополнувања.
Оваа одлука е донесена поради доусогласување со Закон за матична евиденција со реформираниот систем на регистрација на новородени деца со оглед на фактот што законските одредби се застарени и не одговараат на реалната состојба со која се соочува нашиот правен систем. Од друга страна, законското решение е застарено во поглед на неевидентираните лица и истиот е потребно дополнително да се усогласи со Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени кој што е донесен во 2020 година.
Законското решение со кое се уредува системот на евиденција во матичните книги на родени, венчани и умрени треба се усогласи и со процесот на дигитализација и интероперабилност.
На денешната седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници.
Основната цел на предложеното законско решение е постигнување на еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор и усогласување на останатите плати на административните службеници, како и обезбедување континуитет на промените на платите во администрацијата во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел.
Владата денеска го разгледа и прифати Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година.
Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање нови работни места, поддршка за креирање нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои им престанал работниот однос во текот на кризата предизвикана поради пандемијата со КОВИД-19, односно од 11.03.2020 година.
Оперативниот план за вработување е предвидено да опфати 14.685 лица, а за програмите, мерките и услугите за вработување се предвидени повеќе од 1,8 милијарди денари.