Индустриското производство во јануари 2022 година бележи годишен раст од 0,7%, а во февруари од 6,3%, заради исклучително ниската споредбена основа од јануари и февруари 2021 година кога имавме пад на индустриското производство од 13,5% и од 12,1%, соодветно! Секое опоравување од дното е добро, но не е рефлексија на вистината што сака да ја прикаже Владата, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека во рударството два месеца по ред во 2022 година има висок годишен раст кај вадење на јаглен и лигнит, и вадење на руди од метал во услови кога лани имало тотален застој на ископите.
– Ова е потврда дека лани, ископот на јаглен беше значајно намален со што се закасни во обезбедување на овој енергенс во пресрет на енергетската криза. Затоа континуираните повикувањата и укажувања на опозицијата се исплатеа. Истото важи и за домашното производство на електрична енергија кое во првите два месеца на 2022 година е зголемено на годишна основа, како одраз на ниската споредбена основа од лани. Ова не се успешни мерки ниту политики, туку е потврда дека не се работеше и не се мислеше стратегиски. Вистината од податоците е поинаква од розевата престава на Владата и кај останатите гранки од преработувачката индустрија. Така, негативните ефекти од зголемените трошоци за производство (струја, суровини, гас,) се рефлектираат врз повеќе преработувачки гранки. Производството на прехранбени производи бележи значајно годишно намалување во јануари и февруари 2022 година, што е ризик во услови кога и вака имаме недостаток на понуда на одделни прехранбени производи и разгорена инфлација. Производството на пијалаци исто така има висок годишен пад во февруари. Текстилната индустрија уште бележи негативни остварувања, додека кожарската индустрија се опоравува од дното. Производството на моторни возила, приколки и полуприколки, има годишен раст по ланскиот висок пад, додека производството на машини и уреди бележи годишно намалување. Капацитетите од зоните веќе укажаа на негативно влијание на војната во Украина, се појаснува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека од лажните престави за економијата и работата на Владата, оддамна Македонија го допре дното!