
Сето она кое ќе биде надвор од тоа што е предвидено согласно Резолуцијата која ја усвои македонското Собрание, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува и тоа треба да им биде јасно, изјави во саботата лидерот на партијата Христијан Мицкоски, коментирајќи ја новинарската забелешка дека може да се забележи оти во бугарската владејачка коалиција има несогласување, односно нејзиниот опстанок зависи од решението меѓу двете земји на оној начин на кој бара Бугарија во тамошната рамковна спогодба.
Новинарот забележа дека бугарската декларација е во многу точки различна со од онаа којашто ја усвои македонсото Собрание, а истовремено може да се забележи дека и двајцата премиери шират оптимизам дека спорот може да се реши до лето, по што следуваше прапањето дали има ли можност за решение на спорот до ова лето и какви чекор планира да преземе опозицијата доколку се случи решението да излегува од Декларацијата на македонското Собрание.
„Сето она коешто ќе биде надвор од тоа што е предвидено согласно Резолуцијата која ја усвои македонското Собрание, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува и тоа треба да им биде јасно и на (бугарскиот премиер, Кирил) Петков и на (бугарскиот претседател, Румен) Радев, а тоа набргу ќе се случи. Ако мислат дека тоа што оваа влада предводена од (македонскиот министер за надворешни равоти, Бујар) Османи и (македонскиот премиер, Димитар) Ковачевски ќе потпише е завршена работа – не е.
Од оние информации кои јас ги имам, знам дека голем дел од земјите членки на ЕУ се противат да билатералните прашања бидат дел од преговарачката рамка, бидејќи на тој начин преговарачкиот процес ќе биде приказна без крај односно секој секого може да блокира и никогаш процесот на проширување нема да стане реалност.
Затоа јас имам јасна порака до Брисел, оставете ги овие егзибиции и циркуски претстави на двајца политичари кои до пред шест месеци не ни знаеја дека овој проблем постои. Ниту Ковачевски, ниту Петков не знаеја дека овој процес постои, а камо ли сега да бидат луѓе кои ќе изнајдат решенија. Затоа се секогаш оптимисти и насмеани“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека суштината на проблемот е „многу потравматична за македонскиот народ.
„Суштината во барањата на бугарските политичари, на Радев, на тоа што и е Резолуција освоена декларација во рамките на бугарскиот Парламент, мислам дека беше октомври-ноември 2019 година, потврдена од владата на Бугарија, немојте да правите егзибиции кои што дополнително ќе го искомплицираат процесот.
Оваа влада нема легитимитет, овој премиер нема легитимитет од народот и секое решение кое што овој човек ќе го потпише, нем да биде решение, туку дополнителен проблем. Повторувам, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, секое решение кое што ќе ги задира националните интереси, идентитетот, посебноста на македонскиот народ, културата, традицијата, обичаите, многу вековната борба на македонскиот народ за формирање своја, сопствена држава, македонскиот јазик, владата на ВМРО-ДПМНЕ нема намера, нема намера да го почитува“, потенцираше Мицкоски.
Опозицијата не знае каков договор преговара оваа влада, инаку од тоа што го слушнавме и порано од Брисел е дека билатералните преговори не можат да бидат дел од преговарачка рамка, рече челникот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето дали за опозицијата е прифатливо евентуалниот договор со Бугарија да влезе во преговарачката рамка?
Оттаму, секоја авантура на оваа влада и она коешто планира да го потпише, треба да е свесна дека набргу ќе има промена во Владата и тоа што таа ќе го стави хартија, доколку предизвика да бидат повредени чувствата на мнозинската заедница во Македонија, на македонскиот народ, на македонските граѓани, доколку го негира постоењето на посебната македонска историја, традиција, обичаи споредено со традицијата и обичаите кај нашиот источен сосед, доколку не ја одразува различноста на македонскиот народ од бугарскиот народ, автентичната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава, идната влада нити има намера да го почитува, нити има намера да биде дел од учебниците со кои што децата ќе учат искривена историја, историја со која што оваа влада, по принципот на талибаните, има намера да ја тушира.
Сѐ останато, е само авантура и тоа треба да го знаат и Петков и Радев и политичарите во Бугарија, дека наскоро од сега оваа влада ќе биде минато, новата влада која што ја има мнозинската поддршка од народот во Македонија, договорот кој што ќе задира во овие столбови кои што јас сега ги кажувам, нема да биде почитуван и нема да биде дел од учебниците со кои што овие деца овдека ќе се образуваат“, истакна Мицкоски.
Во однос на прашањето за тргнување на формулацијата од 20 отсто за етничките заедници од Уставот, за што премиерот Ковачевски даде согласност, Мицкоски изрази жалење што во 21-от век сѐ уште има политички лидери кои зборуваат низ призмата на проценти и квоти и истакна дека одбува да зборува за проценти и квоти, туку сака да зборува за квалитет, вештини знаења, бидејќи тоа е она што може денес напред да го движи македонското општество.
„Процентите и квотите мислам дека се потрошија и нема потреба да ги навредуваме не мнозинските заедници во Македонија со тоа што ќе бидат дел од процентите и квотите. Јас сум убеден дека голем дел од тие луѓе кои се припадници на не мнозинските заедници во Македонија одбиваат и не сакаат да бидат дел од квоти и проценти, туку сакаат да напредуваат затоа што имаат вештини, знаења и компетенции.
Ги охрабрувам дел од политичките лидери во Македонија да го напуштат 20-от век и некои минати времиња и да се концентрираат на 21-от век. Век во кои ние треба да се стремиме напред, да зборуваме за вештачка интелигенција и да ја градиме државата затоа што ако продолжиме да зборуваме за проценти и квоти, балансери, бадентер итн, следниот попис се плашам дека ќе биде 200-300 илјади граѓани помалку и Македонија ќе стане држава на неколку богати семејства, но за жал ќе биде празна“, порача Мицкоски.
Рече дека е оптимист и „за април и за мај и за јуни, и така сѐ до декември и така следната година“, доколу во Брисел навистина сакаат Македонија да ги почне преговорите.
„Без изговори треба да се направи притисок врз Софија да го повлече ветото, бидејќи овој народ покажал многу пати во минатото дека има европски вредности и дека заслужува да ги почне преговорите“, рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски рече дека од медиумите е информиран за одредени притисоци врз организизаторите на низата најавени штрајкови и протести.
„Од медиумите, од вас медиумите сум информиран дека постојат такви притисоци. Мојата порака до политичарите да седат настрана од синдикалните здруженија, политичарите треба да водат политика и да ја водат Македонија напред, а не да се мешаат во работата на синдикалните здруженија. Може да дадат поддршка или да изразат неподдршка кон овие синдикални организирања.
Можеа да дадат поддршка или да изразат неподдршка кон овие синдикални организирања. Нашиот став како политичка партија, а и мојот личен став е дека даваме недвосмислена поддршка кон синдикатот за манифестирање на револт и пркос за реализирање на сопствените права. Зборувавме дека ќе ја отворат пандорината кутија, таа е веќе отворена и тешко дека таа ќе се затвори.
Сега протестираат вработените во градинките, основните и средните училишта, штрајкуваат државните службеници, матичните лекари а наскоро ќе штрајкуваат сите, практично штрајкуваат сите. Се најавува штрајк во пошта, агенција за цивилно воздухопловство.
Имаме држава која се распаѓа. Го апсат секретарот на Влада затоа што земал мито, имаме основано сомневање дека има еден куп вакви криминални случаи. Министер за правда на отворена сцена манифестира дека имаме заробено судство, на левата страна седи обвинител а на десната седи судија.
Зарем уште нешто треба да ѝ се случи на Македонија за да овие политичари се вразумат и конечно да одиме на предвремени парламентарни избори. Знам дека се плашат, знам дека они ништо друго во животот не знаат освен привилегиите, црвените дебели ќилими, кожните фотелји и практично да ја злоупотребуваат маката на народот трошејќи ги нивните пари. Знам дека ништо друго не знаат да прават, но еднашка нека се охрабрат, еднашка нека излезат од нивните партиски ниски страсти и нека дозволат народот да си избере Влада онаква каква што сака. Влада која што ќе ја води напред Македонија и Влада која ќе биде на народот а не Влада на неколку фамилии“. заклучи Мицкоски.