Мизрахи: Не може да се приближиме кон ЕУ со тоа што ќе престанеме да постоиме, власта треба да каже дека за одредени прашања не се преговара

Европската Унија е економска заедница, и за таа економска заедница да ја достигнеме треба да постигнеме одредени стандарди, а нив можеме да ги постигнеме само со реформи. Но не може да кажете дека сакаме да се приближиме кон ЕУ како економска заедница со тоа што ќе престанеме да постоиме. За одредени прашања не се преговара, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во „Што не е јасно“ на Алфа.

Таа истакна дека ќе беше добро претставници од власта да беа во Битола и на било која маса барем еднаш да кажат дека за одредени прашање не се преговара.

– Очекував без разлика дали е претходниот или овој премиер ќе застанат на тој став дека не се разговара за одредени прашања, но пред се тоа треба човек да го има во себе, па тим кој тоа ќе му го направи. И конечно консензус дома треба да има, пред да оди да преговара надвор. Треба да ја штитиме Македонија, рече Мизрахи.

Таа посочи дека се надева дека сите интелектуалци ќе се вклучат во јавна дискусија по одредени прашања, иако е тешко да дојдат до информации.

– Имаме инфлација на информации, која како магла не дозволува да видите што се случува и не премостува од една тешка тема на други. Секој втор ден апсење, кривично дело, хајка, ова оди до лудило и ваквиот амбиент создава тло на недржавност, а со брзите договори и постапки какви што ги прави власта ние ќе ја изгубиме државата. Сега е моментот за мудри, бавни чекори со консензус дома, истакна Мизрахи.

Во врска со провокациите од Јотова таа вели дека ништо не е променето, само продолжение на истиот наратив, тие создаваат амбиент на лошо соседски услови.