Негриески: Владата лани потрошила 820 милиони евра под ставка расходи, а нема пари за покачување на платите на администрацијата

Во државната администрација има луѓе кои што имаат работен стаж повеќе од 25 години но се уште се под прагот на минималната плата, а еден референт со средно образование зема поголема плата од факултетски образовен службеник.

Ова го посочи Стефчо Негриески,од Конфедерација на слободни синдикати во емисијата, „Што не е јасно“ на ТВ Алфа.

„Тоа е недозволиво, прво е надвор од Законот за административни службеници каде што е точно пропишано како се зголемува платата на администрација. Согласно член 88 од законот за административни службеници, платата се зголемува со вредноста на бодот и тоа го носи Владата со проста одлуката. Ништо повеќе, и барањата се во таа насока, да се усогласат платите согласно порастот на минимална плата, истакна Негриески и додаде дека, тие не бараат покачување, туку покривање на инфлацијата која што во првите три месеци статистички согласно Државниот завод за статистика изнесува 7,5 проценти.

Негриески потенцираше дека Владата лани потрошила 820 милиони евра под ставка расходи и никој не знае за што точно ги потрошила тие пари, а вели дека нема пари за покачување на платите во државната администрација.

„Изговорот на владата е дека нема пари во буџетот, но јас ќе ви кажам дека има. Значи од 2016 година до денеска масата на пари за плати во целиот јавен сектор, изнесувала 420 милиони евра вкупно, за бруто плати, денеска во 2022 година предвидени се 520 милиони евра. Значи зголемување од 100 милиони евра, претежно за нови вработувања. Масата на пари за плати е зголемена само за 100 милиони евра, а буџетот наш во 2016 бил 3 милијарди и 100 милиони евра, за во 2022 година да е предвиден на 4 милијарди и 400 милиони евра. Ова се анализи од Министерството за финансии и Државниот завод за статистика. Значи, Владата лани потрошила под ставка други расходи, 820 милиони евра“, рече Негриески.