
Руската нафтена компанија „Росњефт“ не успеа да продаде нафта на аукција која требаше да биде тест за подготвеноста на купувачите во Азија да платат однапред, во рубљи, пишува Б92.нет.
Москва призна дека има проблеми со извозот на нафта поради санкциите што и беа наметнати од почетокот, како што ги нарекува „специјални операции“ во Украина. Затоа таа најави зајакната соработка со Азија.
„Росњефт“ на аукцијата понуди 6,5 милиони тони нафта, кои требаше да бидат испорачани од руските пристаништа во мај и јуни, но до понеделникот не стигна понуда, соопштија пет трговци, пишува „Пословни дневник“.
Условите на аукцијата се многу тешки, изјавија трговците, додавајќи дека на „Росњефт“ ќе му биде тешко да продава нафта и дека повеќето европски нафтени компании и трговски куќи постепено го прекинуваат снабдувањето со нафта од руската компанија.
Индиските рафинерии не доставија понуда, а дел од бурињата наменети за далечниот исток се нудеа со прекраток рок на испорака.
Индија го удвои купувањето на руска нафта од почетокот на рускиот напад врз Украина, и покрај апелите на Вашингтон за намалување на испораките, потсетува Ројтерс.
„Конкретните услови и краткиот рок бараат индивидуални преговори“, изјави извор од азиската трговска куќа, додавајќи дека дел од понудените буриња може да се продаваат во зделки далеку од очите на јавноста.
Друг информиран извор изјави дека главната цел на аукцијата била „да се објави на пазарот дека ќе треба да се плати во рубљи“ и тоа, според него, е постигнато.