Здравствените власти во Европа и во Северна Америка бележат сѐ поголем број случаи на зарази со вирусот на мајмунските сипаници од почетокот на мај, што предизвикува стравувања дека болеста, којашто е ендемска во некои делови од Африка, би можела да се прошири и на други региони во светот.
Светската здравствена организација (СЗО – WHO) побара строго да се следат контактите на заразаните со овој вирус. Во средата случаи на болеста пријавија Шпанија, Португалија, Канада и САД. Американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (CDC) објави дека е заразен еден американски државјанин.
Главно станува збор за мажи коишто имале сексуален контакт со друг маж, се наведува во извештаите.
Велика Британија, којашто прва сигнализираше случај на оваа болест на 6-ти мај кај лице коешто престојувало во Нигерија, во средата објави дека има вкупно девет идентификувани случаи.
Во четвртокот првиот случај е дијагностициран и во Италија во болница во Рим, а уште два случаи се суспектни. Првиот случај на мајмунските сипаници го пријави и Шведската агенција за јавно здравство, а е потвреден кај лице од областа на главниот град Стокхолм.
Осум заразени се пријавени во Мадрид, пренесува новинската агенција Europa Press, повикувајќи се на здравствените власти во земјата. Во соседна Португалија се заразени околу 20 лица, според весникот Publico.
Јавноста и здравствените установи треба да бидат свесни за оваа болест, а необичните кожни исфрлувања треба да ги прегледаат стручњаци, порача СЗО. Доколку постои сомневање за мајмунски сипаници, пациентите треба да бидат изолирани, се додава.
Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ECDC) објави дека има намера да го објави првиот извештај „на почетокот од следната седмица“. Агенцијата вели дека ја следи ситуацијата и препорачува да бидат „изолирани и тестирани сите сомнителни случаи и за тоа бидат известени“ надлежните институции.
Во Нигерија, според СЗО, од 2017 година се пријавени 558 случаи на мајмунски сипаници. Потврдени се 241, а осум лица починале како последица од заразата.
Вирусот на мајмунските сипаници според структурата е сличен на вирусот на големите сипаници и предизвикува слична но многу поблага форма на болеста. Но можни се и потешки случаи.
Симптомите на болеста се треска, гловоболка, болки во мускулите, отечени лимфни јазли и чувство на замор. Ги следи карактеристично кожно исфрлање, кој на кожата создава меурчиња и красти. Времето на изложеност на вирусот до појавата на симптомите е околу 10 дена, а симтомите вообичаено траат две до четири седмици. Болеста се пренесува преку капки, близок телесни контакти и преку контаминирани предмети.
Светската здравствена организација во 1980 година прогласи дека големите сипаници се искоренети благодарејќи на масовното вакцинирање.