Сенародниот протест на 18-ти јуни ќе биде еден од најмасовните досега затоа што македонските граѓани сакаат промени што го покажуваат и анкетите, порача Николоски

ВМРО-ДПМНЕ ги користи сите можнисти и механизми на делување кои ѝ стојат на располагање на опозицијата, како што се блокадите во Собранието, излегувањето на улица и протестите, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервјуто објавено во четвртокот на порталот Макфакс.

Николоски истакна дека активностите кои што партијата ги презема како активната блокада во македонското Собрание и следниот чекор, најавениот сенароден протест на 18-ти јуни се само след на активности после долгиот периот во кој власта не сака да комуницира со опозицијата за суштински важни теми за Македонија.

„Она што ние го правиме сега е след на активности кои што следуваат после еден сериозен временски период во кој што ние очекувавме дека власта на СДСМ и ДУИ ќе се обиде да разговара со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Николоски.

Додава дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да блокираат законите во Собранието коишто се од интерес на граѓаните, туку само тоа што е во интерeс на политичката елита на власт, а во однос на најавениот протест оценува дека тој ќе биде еден од најмасовните на којшто македонските граѓани ќе кажат дека сакаат промени во државата.

„Тоа што ние го правиме е активна блокада на Собранието, во кое не блокираме се туку тоа што сметаме дека не е во интерес на граѓаните и следен чекор е голем сенароден протест на 18 јуни, на кој што, не сакам да лицитирам со бројки, но голем број на народ ќе излезе и ќе каже дека сака промени во државата. Мислам дека ова ќе биде најголемиот протест, затоа што тоа го покажуваат анкетите на кои се покажува дека граѓаните сакаат промени“, вели Николоски.

Смета дека на Македонија ѝ се потребни предвремени парламентарни избори со кои ќе дојде и до промена на власта која ќе биде одраз на расположението на македонските граѓани кое е анти владино и про опозиционо ориентирано.

Додава дека изборите требало да се случат веднаш по локалните избори на кои ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија издвојува победа „каква што досега не направила партија во опозиција“ и за кој и поранешниот претседател на СДСМ и премиер, Зоран Заев локалните избори ги поврза со нивното владеење и наместо да има предвремени избори формираа скоро иста влада, само со нов премиер.

„Првпат опозиција оствари таква голема победа на локални избори, досега локалните избори секогаш ги добиваше власта, првпат на овие избори се прекрши тоа правило што нам ни дава дополнителен мотив. Проблемот е дека минатата година на локалните избори, тогашниот претседател на СДСМ и премиер велеше дека тие избори се огледало на неговото владеење како премиер на Влада, и доколку изгуби, не рече деоколку ги изгуби сите избору туку рече дека доколку изгуби во Скопје ќе поднесе оставка. Сега кога ќе ги постави така работите првиот човек на владата. Наместо да одиме на предвремени парламентарни избори, со кои би се затворила таа политичка ситуација имавме, за жал, киднапирање на пратеник, а после тоа формирање на нова Влада, која што во суштина е истата затоа што се истите министри, со мали промени и само нов премиер“, потсетува Николоски.

Посочува дека уште во април претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара средба со премиерот Димитар Ковачевски на кој ќе се разговара не само за предвремени парламентарни избори, туку и за четирите тима од четирите области од суштинска важност за граѓаните, како што се евроинтеграциите, образованието, здравството, економската криза и наместо од власта да ги прошират предлогот и да го надополнат со други битни области, но како што истакнува Николоски „тие дрско го одбија“.