Синдикатот за угостителство и туризам (СУТ) им порачува на сите оние работници кои имаат намера да заминат на сезонска работа надвор од државата, да бидат внимателни при изборот на агенции кои посредуваат при вработување.
„Познато е дека по социјалните мрежи има еден куп на огласи кои најчесто се објавуваат од страна на т.н. „еден човек агенција”, кои навидум нудат „работа од соништата”, а во реалноста тоа воопшто не е така, за што потврдуваат и самите сезонски работници кои заминале на работа преку овие „агенции”. Истите намерно пишуваат огромни суми на плати, кои во реалност не изнесуваат толку. Наведуваат дека на работниците им се платени патот и сместувањето, за да испадне дека тоа воопшто не е така и работниците сами да ги плаќаат овие трошоци“, соопштија од овој синдикат.
Додаваат дека- што е уште потрагично, тоа што со „огромните плати” што ги наведуваат, велат дека ќе работат од 8 до 10 часа, за што ќе им биде платено дополнително. Во реалноста, ова воопшто не е точно. Искуствата покажуваат дека наместо гореспоменатите часови, работниците работат од 12 до 14 часа секој ден, а дополнителните часови не им се надоместени.
„Синдикатот за угостителство и туризам неодамна започна соработка со Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска, преку кој, нашите членови кои ќе одат да работат таму добиваат синдикална заштита со тоа што се вработуваат во компании со кои тамошниот синдикат има склучено колективни договори. Така, работниците од Македонија ги уживаат истите права како и нивните колеги од Хрватска“, велат од СУТ.
Според СУТ, се прават напори за соработка и со останатите синдикати од регионот, со цел македонските сезонски работници да имаат поголема заштита. „Уште еднаш апелираме до работниците да бидат крајно внимателни и добро да се информираат пред да заминат на сезонска работа. Ние секогаш сме тука да помогнеме и да укажеме на ваквите непосакувани појави кои можат работниците да ги стават во неповолна положба“, информираат од СУТ.