Движењето Беса не добило покана да учествува во работната група за Изборниот законик, а исто така не е точно дека министерот за правда контактирал со претседателот на партијата Билал Касами, велат од партијата за „Слободен печат“.
– Жал ни е што министерот Никола Тупанчевски манипулира со јавноста. Тоа сведочи за несериозноста на власта во пристапот кон опозицијата. Беса никогаш не одбила дијалог, особено за важно прашање како што е Изборниот законик, изјави портпаролот на партијата Фарук Авдиу.
Министерството за правда Никола Тупанчевски во гостувањето на Телевизија 24 посочи дека најголемиот дел од политичките партии номинирале свои претставници во работната група составена во Министерството за правда за носење на нов Изборен законик, освен две – ВМРО-ДПМНЕ и Движењето Беса. Рокот за номинирање претставници истече, а министерот Тупанчевски изјави дека имал и неформални разговори со лидерите на овие две партии.
Тупанчевски изрази оптимизам дека двете партии ќе номинираат претставник, бидејќи, како што рече, тоа е најдобриот начин да ги артикулираат сопствените ставови, а претставниците во работната група ќе се обидат да го најдат најоптималното решение за македонски околности.
– Апсолутно ќе разговарам со лидерите, затоа што таа е првична идеја, но идејата ќе биде и реализирана затоа што веќе е разговарано со неколку луѓе коишто би требало да ја предводат таа работна група, а ќе бидат од непартискиот блок – рече Тупанчевски, посочувајќи дека станува збор за експерти, непартиски луѓе чија потесна специјалност ќе биде изборно право и изборни системи.