Басурин: За Киев се борат илјадници платеници, по испораките на западното оружје се гаѓаат станбени населби во Доњецк

Бројот на утврдените факти дека странски платеници се борат на страната на Киев против пороруските сепаратисти во источната област Донбас се во илјадници, а платениците во регионот се појавија уште во 2014 година, изјави во понеделникот за новинарите Едуард Басурин, земник командант на силите на самопрогласената Народна Република Доњецк.

„Тука фактички на страната на Украина се бореа луѓе од сите страни на светот, главно од католичките. Православните се доброволци на нашата страна. Од секоја земја што ја именувате, тие се борат на страна на непријателот. Според утврдените факти, ги има илјадници. Ова се телата на загинатите, нивните документи коишто ги најдовме. Главно тие самите се издадоа со објавите на социјалните мрежи на кои објавуваат каде се и што прават овде“, рекол Басурин одговарајќи на прашање на агенцијата на ТАСС за странските платеници.

Според него, странските платеници се појавиле на боиштето во областа од 2014 година и целата база со доказите за воени злосторства извршени од нив, како и од украинските сили ќе биде достапна за јавноста.

Според Басурин, исто така, „варварското“ гранатирање на Доњецк, вклучително и центарот на градот, започнало откако западните земји започнаа да ја снабдуваат Украина со тешко вооружување и артилериски системи со долг дострел.

„Гранатирањата на центарот на градот (Доњецк) започнаа откако Западот реши да ѝ испорача тешко вооружување на Украина. Претходно, во 2014-та, 2015-та и 2016 година тоа не се случуваше. Сега се случува, почнувајќи од мај кога започнаа испораките (…) Ваквите варварски напади се појавија кога големи количества оружје започнаа да ѝ се испорачуваат на Украина од други земји“, вели Басурин.

Според него, во изминатите десет дена градот Доњецк бил гранатиран со артилерија од 155 милиметри карактеристична за НАТО, како и со украинските системи „Смерч“ и „Град“.

„Во текот на последното гранатирање на едно училиште беа истрелани 40 ракети“, според Басурини и додава дека од воена гледна точка гранатирањата на Доњецк немаат логика.

„Од воен аспект, ова повеќе е психолошка компонента, да се исплашат луѓето, пред сѐ, да се принудат, како што тие (Украинците) веруваат, луѓето да бидат огорчени и да бараат прекин на огнот, да се сее паника. Затоа од воен аспект нема поента, тука нема железничка клучка, нема аеродром, нема воен објект, само станбени населби. Единствениот голем логистички капацитет е покриениот пазар на автобуската страница, каде што доаѓаат автобуси од целиот регион Доњецк“, вели Басурин.

Прорискиот сепаратистички воен командант ова го наведува во контекстот на неодамнешните објави од Канада, САД, Велика Британија и Норвешка за испораки на Украина на самоодни хаубици од 155 милиметри „М777“, како и на француски самоодни артилериски орудија „Цезар“ со ист калибар.