Латас: Зашто сме во криза а доаѓаат и нови кризи – потребни се избори, власта докажа дека не е решение за нив

Токму затоа што сме во криза и нѐ чекаат нови кризи, потребни се предвремени парламентарни избори, затоа што власта на СДСМ и ДУИ нѐ доведе до нив а искуството од ковид-кризата покажа дека тие не се решение за кризите, оцени во вторникот новинарот Драган Павловиќ Латас за „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

„Штотуку минавме ковид-криза, таа ја спроведуваше оваа влада. Во ковид-кризата имаше корупција со вакцини што на ниедна европска почва, од Грузија до Ирска, не се случи. Кај нас има корупција, фатени се ‘живи’, (поранешниот) министер (за здравство, Венко) Филипче и (поранешниот) премиер (Зоран) Заев. Имавме најголема смртност, немавме помагала од ракавици до маски и ни ги донираа Србија, НАТО и ни ги даваа како на сираци“, рече Павловиќ.

Посочи дека на 18-ти јуни е најавен митинг на опозицијата, не само од најголемата партија ВМРО-ДПМНЕ, каде што е „просто и јасно кажано“ дека доаѓа незадоволен народ од оваа Влада и затоа што земјата ја очекува поголема криза.

„Сега има друг тип криза и нема ниту една причина да се верува дека оваа влада може во нареднава криза да работи подобро. Има послаб рејтинг и уште послаба структура. Тоа е како во било кој спорт, ако паѓате и сте на граница за испаѓање од лига менувате тренер, не може да очекувате дека тренерот кој ве донел до дно дека ќе ве извади“, истакна Павловиќ Латас.

Додаде дека СДСМ и ДУИ ни докажаа дека и во најголема криза кога „губевме животи по 80 до 100 на ден, како војната во Украина, правеа корупција, крадеа пари, немаа вакцини, немаше место во болница, изумреа илјадници луѓе“.

„Имавме кризи и од финансиски карактер, земаа нови кредити од четири милијарди евра. А каде се парите?! Тие се по невладин сектор и разноразни измамници, грантови, 25-30 милиони заминаа по Фонд за иновации, никој не видел иновација. Заради многу причини треба да има вонредни избори. Баш затоа што сме криза и не чека уште поголема криза, особено за струја, ние и понатаму не вршиме работи кои се очекуваат , а тоа е да има јаглен за РЕК по цена три/четири пати помала од таа која се купува“, изјави Латас.

Потенцираше дека ќе плаќаме поскапа струја затоа што има во влада луѓе чии деца, вклучително и детето на Заев кои се занимаваат со продажба на струја, и повеќе им се исплати да купа струја од странство и да ја продадат на домашен пазар.

„Тие се дојдени на власт за крадат, има рекетари од подземје, наркодилери кои им набиваат гласови, купуваат невладин сектор, гонат новинари и политичари, судството е 8 отсто со сите смени кои СДСМ ги направи со сите судии и обвинители кои ги смени“, нагласи Павловиќ.

Истакна дека СДСМ нема рејтинг и уште Заев кога беше на власт во првата и втората година почна да им паѓа рејтингот.

„Нивниот рејтинг постојано паѓа, а тоа е така затоа што не го испорачуваат тоа што народот го очекува од нив“, заклучи Павловиќ Латас.