Кинескиот претседател Кси Џинпинг во четвртокот ја критикуваше, како што рече злоупотребата на меѓународните санкции и повика Русија, Индија, Бразил и Јужноафриканската Република да ја преземат својата одговорност во светот, а организацијата истовремено поддржа преговори меѓу Русија и Украина.
Групата, која првично беше наречена БРИК, е основана во 2006 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, пред Јужна Африка да се приклучи во 2010 година, додавајќи го С во акронимот. Групата од шест држави претставува повеќе од 40 отсто од светското население. Во согласност со напорите за зајакнување на трговијата членките работат на интеграција на платните системи, зголемување на плаќањата во национални валути, како и воспоставување независен канал за размена на информации. Пред две години беше објавено дека државите на БРИКС се подготвени да создадат нов систем за заедничко плаќање наречен BRICS Pay, кој ќе биде сличен на постојните услуги на Apple Pay и Samsung Pay.
„Нашиот денешен состанок доаѓа во клучниот момент на изборот за иднината на човештвото: како главни растечки пазари и земји кои се развиваат, членките на БРИКС мора да ја преземат својата одговорност“, рече Кси.
Оцени дека членките на БРИКС ја „зајакнале меѓусебната соработка и координација“.
„Мораме да го напуштиме менталитетот на Студената војна, да ја спречиме конфронтацијата и да се спротиставиме на едностраните санкции, како и на злоупотребата на санкциите. Глобалното економско закрепнување останува сложен и долготраен процес, додека мирот и безбедноста стануваат сѐ поистакнати проблеми“, порача кинескиот претседател.
Групата БРИКС поддржа во четвртокот по виртуелниот самит со декларација разговори меѓу Русија и Украина, објавено е на мрежната страница на Кремљ.
Русија се сврти кон партнерите во БРИКС заменувајќи ги трговските врски нарушени со западните санкции поради војната во Украина, и го пренасочи извозот на својата санкционирана нафта во Кина и Индија зголемувајќи го за повеќе од 50 отсто во однос на минатата година.
Рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето во четвртокот повика на посилна соработка меѓу земјите од БРИКС, и го обвини Западот дека со санкциите предизвикува прехранбена и енергетска криза во светот.
„Само врз основа на искрена и двострано полезна соработка можеме да бараме излези од кризната ситуација којашто се развива во глобалната економија поради непромисленото и себично дејствување на поедини држави“, рече Путин обраќајќи се преку видео-врска.
Рускиот претседател го обвини Западот дека го „користи меѓународните финансиски механизми“ за да ја „префрли сопствената грешка во макроекономската политика на целиот свет“.
Путин оцени притоа дека односите меѓу Русија и Кина се најдобри во историјата, и го пофали стратешкото партнерство со Пекинг чија цел е спротиставување на влијанието и притисоците од САД.