Фуере: Бугарските барања се навреда за македонските граѓани, напад врз душата на македонската нација

Доколку се сака решение за билатерално прашање, каде би имало балансиран пристап, но и да се земат во предвид критериумите за приклучување на Европската Унија, многу е јасно дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот и историјата мора да се водат во паралелен процес, порачува поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере.

Во вечерашното гостување на ТВ Сител, Фуере посочи дека според него, ова треба да биде исклучено, затоа што, според начинот на кој се формулирани, „тие се навреда за македонските граѓани, тие ги напаѓаат срцето и душата на македонската нација и никогаш нема да бидат дел од некоо компромисно решение”.

– Јас се надевам дека француските дипломатски напори ќе ја разберат чувствителноста поврзана со прашања кои постојат на Западен Балкан и ќе направат напор кој во многу поголем дел ќе ги земе предвид грижите на македонската страна, отколку целосно да се посвети во корист на интересот на Бугарија, рече тој.

Според Фуере, доколку некој сака да најде компромисно решение, клучно е да бидат земени предвид проблемите од интерес на двете земји.

– За жал, многу од елементите на бугарската позиција се против она за што се бори ЕУ, и исто така, ги игнорираат пресудите на Европскиот суд за човекови права по прашање на правата на малцинствата и инсистирањето на Бугарија за вклучување на бугарската заедница во Уставот на Македонија, посочи тој.

Фуере смета дека е важно да се зближат, како што рече, „оние чувствителни луѓе во Бугарија” кои, како што посочи „веруваат дека нивните политичари не делуваат во интерес на Бугарија” и дека ќе се случи интеграција на луѓето, на граѓанското општество од Бугарија и Северна Македонија да создадат клима на доверба, бидејќи во моментов, според него, нема доверба.