Ковачевски тврди дека македонскиот ќе биде официјален јазик на ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски преку објава на социјалните мрежи во саботата ги демантира, како што наведува, лагите и шпекулациите во врска со францускиот предлог за надминување на ветото на Бугарија за европските интеграции во Македонија , и порачува дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската унија, без никакви фусноти и дополнувања.

„Се појавија многу лаги и шпекулации врзани со францускиот предлог. Сакам да бидам кристално јасен: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа со овој предлог. Македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската унија. Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги“, уверува Ковачевски.

Тврди дека стратегијата и палонот на неговата Влада „дадоа резултат, имаме нов предлог кој ги штити нашите стратешки и национални интереси“.

„И во предлогот и во преговорите, нема да дозволиме тие да бидат загрозени“, наведува Ковачевски во објавата на Facebook.