Британскиот премиер Борис Џонсон доцна ноќта во вторникот го именуваше поранешниот претприемач и актуелен министер за образование, 55-годишниот Надим Захави, за свој нов министер за финансии, а Стив Баркли за нов министер за здравство.
Захави е соосновач на познатата компанија „YouGov“ и својата политичка кариера ја започна во конзервативните кругови во Лондон пред во 2010 година да стане пратеник. Популарноста ја стекна со водењето на кампањата за вакцинирање на Британците во текот на пандемијата на коронавирусот.
Педесетгодишниот Баркли беше министер за брегзитот од 2018 до 2020 година, потоа минатата 2021 година во министерството за финансии и канцелар на војводството Ланкестер, а потоа во 2022-ра шеф на кабинетот во Даунинг стрит.
Именувањата следеа неколку часа откако претходно во вторникот вечерта Риши Сунак и Саџид Џавид поднесоа оставки од позициите министер за финансии односно министер за здравство, со образложенија дека немаат доверба во Џонсон и несогласување со неговите методи на водство.
Дека поднесува оставка од должноста министер за финансии Сунак објави на Twitter, додека Џавид се повлече од позицијата министер за здравство во писмо до премиерот Џонсон.
Засега тоа се единствените двајца министри во врвот на кабинетот на премиерот кои поднесоа оставки, додека другите високи функционери му изразија поддршка на Џонсон. Министерката за надворешни работи Лиз Трас, којашто се смета за водечки кандидат за негова замена, изјави дека „стопроцентно е зад премиерот“.
Оставките следеа откако Џонсон претходно во вторникот беше принуден на понижувачки извинувања поради неговото решавање на спорот околу осрамотениот заменик на шефот на парламентарната група на конзервативците Крис Пинчер, откако се покажа дека премиерот заборавил дека уште порано му било кажано за претходните обвиненија против Пинчер за „недолично“ однесување.
Пинчер поднесе оставка минатата седмица по тврдењата дека „допирал“ двајца млади мажи во приватен клуб со членство, но на Џонсон обвиненијата против него му биле кажани уште во 2019 година.
Последниот скандал ја прелеа чашата за двајцата министри откако Борис Џонсон во јуни го преживеа гласањето за доверба меѓу неговите конзервативци во парламентот, од кои повеќе од 40 гласа да биде сменет.