Азиските берзи и цените на нафтата во пад, доларот зајакна

На азиските берзи во понеделникот цените на акциите паднаа, бидејќи вложувачите ги загрижи појавата на нова подваријанта на коронавирусот во кинески Шангај и поради стравот од агресивното зголемување на каматните стапки на американската централна банка.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во 7 часот по македонско време беше во минус од 1 отсто. Притоа на Токиската берза индексот Nikkei зајакна за 1,3 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и Хонгконг паднаа за меѓу 0,1 и 0,3 отсто.

Остриот пад на кинеските пазари е последица од вестите дека во Шангај е идентификувана нова подваријанта на омикрон сојот на коронавирусот. Поради тоа вложувачите стравуваат дека локалните власти повторно ќе воведат строги рестриктивни мерки во овој деловен и финансиски центар на Кина и Азија, што би го забавило растот на втората според обемот свеска економија.

Притисокот врз азиско-пацифичките пазари е последица и од падот на цените на акциите на технолошките гиганти, во прв ред на „Alibaba“ и на „Tencent“.

И додека повеќето азиски берзи утрово паднаа, јапонскиот Nikkei индекс значително порасна. Тоа делумно се припишува на резултатите од парламентарните избори одржани во неделата, само два дена откако во петокот во изборната кампања беа убиен поранешниот премиер Шинзо Абе.

Јапонската конзервативна коалициска влада е на добар пат да освои мнозинство мандати во горниот дом на парламентот. Според излезната анкета на јавната телевизија NHK, Лидерално-демократската партија на премиерот Фумио Кипида, заедно со коалициската партија Комеито, би можела да освои меѓу 69 и 83 од 125-те мандати во горниот дом.

 

Во исчекување на податоците од САД

Вложувачите на берзите стравуваат и дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) повторно агресивно ќе ги зголеми клучните каматни стапки, како и во јуни.

Во петокот беше објавено дека во САД во јуни бројот на вработените бил зголемен за 372.000 лица, значително повеќе отколку што се очекуваше, притоа стапката на невработеност стагнирала на ниските 3,6 отсто. Просечната сатница, пак, пораснала за 5,1 отсто во однос на истиот лански период, што покажува дека инфлаторните притисоци попуштаат. А сето тоа значи дека Fed би можел да продолжи со агресивното заострување на монетарната политика.

На берзите владее претпазливост и поради тоа што во среда ќе бидат објавен извештајот за потрошувачките цени во САД, коешто би можело да има значително влијание врз насоките на пазарите. Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека во јуни инфлацијата дополнително забрзала на 8,8 отсто, што е новото највисоко ниво во повеќе од 40 години.

Во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе бидат и деловните резултати, имајќи предвид дека започнува сезоната на објавување на кварталните финансиски извештаи.

 

Доларот зајакна, цените на нафтата паднаа

А на валутниот пазар вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути дополнително порасна, откако минатата седмица скокна за 1,5 отсто. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, зајакна за 0,4 отсто на 107,39 поени, близу највисокото ниво во последните 20 години.

Притоа курсот на американската валута во однос на јапонскиот јен порасна за 0,6 отсто, на 136,95 јени, а во еден момент достигна и 137.38 јени, највисокото ниво во 24 години.

Американската валута зајакна и во однос на европската, и тоа за 0,38 отсто. Така цената на еврото се лизна на 1,0145 долари, близу најниското ниво од крајот на 2002 година.

Цените на нафтата на отворањето на тргувањето во понеделникот, пак, дополнително паднаа, откако минатата седмица се намалија за повеќе од 3 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар ослаби за 0,65 отсто, на 106,32 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,91 отсто, на 103,94 долари.