Курсот меѓу еврото и американскиот долар денеска е речиси ист за прв пат по 20 години, двете валути се на помалку од еден цент од паритет. Вредноста на еврото е пониска за повеќе од 12 отсто во однос на вредноста од почетокот на годинава. Тоа значи дека еврото е најслабо во однос на доларот од зимата 2002 година, пред дваесет години.
Според средната курсна листа на НБРМ, еврото денеска изнесува 61.6048 денари, а американскиот долар чини 60.6167 денари. Британската фунта изнесува 72.7917 денари.
Иако вестите се позитивни за Американците кои работат и патуваат во Европа, тоа е загрижувачки знак за глобалната економија.
Еврото е значително ослабено од европската енергетска криза поради војната во Украина.
Во меѓувреме, доларот зајакна бидејќи инвеститорите бегаат кон валутата како безбедно засолниште, додека Федералните резерви се обидуваат да ги зголемат каматните стапки со најбрзо темпо од 1994 година за да ја зауздаат инфлацијата.
И додека во САД има стравови од рецесија, експертите веруваат дека шансите за економски пад во Европа се многу поголеми.