Телма го објави текстот за преговарачката рамка за Албанија: Што е различно од францускиот предлог?

Чиста формулација за „отворање на преговорите за пристапување“ без креативните решенија две фази, како во македонскиот случај, содржи текстот на преговарачката рамка за Албанија, до кој дојде Телма.

Телевизијата јавува дека документот е со ист датум 17 Јуни 2022 година, кога беше објавен и првичниот предлог на преговарачка рамка за Македонија, кој Владата го одби, за потоа да дојде видоизменетиот француски предлог, кој сега предизвикува големи поделби и меѓу партиите и експертската јавност.

„Во предлог-преговарачката рамка за Албанија нема никакви други дополнителни услови. Ниту во т.н. изјава за отворање на Првата меѓувладина конференција, ниту во генералните позиции на ЕУ. Се нотира само посветеноста на Албанија за решавање на граничниот спор со Грција, за што двете земји веќе имаат постигнато договор да се реши со арбитража. Но тоа е во издвоен параграф и не е условно поврзан во ниту еден контекст со општата констатација за добрососедски односи и регионална соработка. Според дипломатски извори, ниту преговарачката рамка за Албанија, ниту изменетата за Македонија, формално не се ставени на маса и не се финално потврдени од земјите членки“, објави Телма.

Но, додека се чека македонското – „да“ за изменетиот француски предлог, за документот за Албанија, не се очекуваат измени.

 „Отворање на преговорите„ vs“ започнување на прва фаза“  

Всушност, споредбата на содржината и формулациите во двата документи (во македонскиот случај тоа се две меѓусебно поврзани меѓувладини конференции) јасно ги отсликуваат разликите и преседанот кој е направен за Македонија.

Албанија ги почнува преговорите со Првата меѓвладина конференција, на која ќе биде претставена и преговарачката рамка. (види слика)

Во точка 11 од т.н. воведна изјава на ЕУ, изјава за отворање јасно стои дека ЕУ на првата Меѓувладина конференција ја претставува и Преговарачката рамка, претходно утврдена од Советот. (види слика во прилог)

Предлогот за Македонија го има преседанот со креативното решение за прва фаза во отворањето на преговорите. Во воведната изјава за Првата политичка меѓувладина конференција пишува прецизно: започнување на првата фаза од преговорите за пристапување.

Дополнително, во точка 11 од Воведната изјава јасно е нагласено дека Преговарачката рамка ќе биде презентирана на Втората меѓувладина конференција или прецизно според формулацијата „на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања или дополнителна политичка одлука, веднаш штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени…“

Оттука, поради потребата, или условот за промена на Уставот, за во него да се внесат Бугарите (а заедно со нив и Црногорците и Хрватите) „пакетот“ Македонија – Албанија всушност се раздвојува и европскиот пат двете земји, барем во почеток, го одат по два различни колосеци.

Македонија, веќе е обелоденето, покрај првата „политичка“ меѓувладина конференција или „прва фаза од преговорите за пристапување“, откако ќе го смени Уставот, по автоматизам, без нова политичка одлука Советот ќе ја одржи следната меѓувладина конференција. И токму тоа „креативно решение“, како што го нарекуваат бриселските бирократи, внесено за да се задоволат бугарските услови и барања, го отсликува и процедуралниот преседан и во формална смисла.

Па, така, дури по промената на Уставот за Македонија ќе следува нова Меѓувладина конференција, или како што се нарекува, „завршување на првата фаза на отворање пристапни преговори“, а тоа е јасно наведено во Воведната изјава за оваа меѓувладина конференција.

Веќе во вториот параграф јасно е предочено дека токму на Втората меѓувладина конференција ќе биде претставена Преговарачката рамка.

Во овој параграф е и една од клучните разлики (покрај останатите) во докуменtите, а со тоа и процесите за Албанија и Македонија. Ако првите три реченици од текстот за претставување на Преговарачката рамка се идентични, за Македонија се додава делот за заштита на малцинските права. Па „општите начела и обврски“ вообичаени и за останатите земји кандидати кои почнале преговори, за Македонија се надополнети со обврската за:

„Особено внимание треба да се посвети на заштитата и недискриминирачкото постапување кон граѓаните кои припаѓаат на малцинствата или заедниците. За да се осигура неповратност на напредокот во овие области и негово целосно и ефективно спроведување, комисијата ќе продолжи внимателно да го следи напредокот и редовно ќе го известува за тоа Советот“.

Добрососедството како обврска и (или) услов?

Обврските за добрососедски односи и регионална соработка, содржани во точка (параграф) 14 за Албанија се во форма на општите формулации присутни и во преговарачките рамки и за други земји.

Воведната изјава за Првата политичка меѓувладина конференција во овој дел за Македонија е сосема различна. Содржана е во параграфот 14 и во неа освен општата реченица, која ја има и кај Албанија, се споменуваат и Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија и директно се посочува на „протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор“, кој патем допрва треба да се потпише и кој е услов и за Првата политичка меѓувладина конференција.

И повторно, потсетување на потребата од видливи резултати во спроведувањето на двата договори има и во воведната изјава од Втората меѓувладина конференција, во Параграф 4 каде стои:

Различно врамени „фундаменти“

Кластерот фундаменти или темелни вредности, е во сржта на новата методологија на преговори, вклучително и Поглавјата 23 и 24 кои први се отвораат и последни се затвараат.

Во споредбата на текстовите на документот за Албанија и на документите за Македонија, особено во преговарачката рамка, интервенциите за вметнување на елементи од барањата на Бугарија се јасно воочливи.

Објаснувањето за нив од страна на Владата се дека се од формален аспект, за да се дојде до компромисен предлог, став со кој длабоко не се согласува експертскага јавност, вклучително и домашни реномирани тинк-тенк институти, како и реномирани странски експерти.

На познавачите на бриселскиот административен речник им е сосема јасно дека секоја формулација има своја специфична тежина и значење, а со тоа и соодветни обврски и последици.

И без оглед на различните интерпретации или обиди за релативизација, и најсуровата формална споредба на текстовите во преговарачката рамка на Албанија и на Македонија открива суштински разлики.

Една од суштинските разлики е во Параграфот 5 од преговарачката рамка, каде се споменуваат и Копенхашките критериуми.

Во овој дел, за Албанија се нотира граничниот спор со Грција да се реши со меѓународна арбитража.

За Македонја, во овој Параграф 5, по бришењето на „протоколот“ споменат во првичниот француски предлог сега се споменуваат годишните прегледи и извештаи предвидени со член 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Она што предизвика исто така голема дебата во јавноста е т.н. Акциски план издвоен во делот за темелни вредности, односно надвор од вообичаениот патоказ за поглавјата 23 и 24.

Па така, формулацијата за Албанија во овој дел е во целост во согласност со новата методологија и идентичен текст како што го имаше и за Македонија во првичниот француски предлог.

Во изменетиот, сега финален и француски, и како што се нарекува европски предлог, исти се само првите четири реченици. Потоа, во македонската рамка се додава обврската за подготовка на посебен „Акциски план посветен на заштита на правата на припадниците на малцинствата или заедниците, вклучително, меѓу другото, на полето на недискриминација, борба против говорот на омраза, образование, воспоставување ефективни мерки, механизми за известување и идентификување на соодветните одговорни институции. Спроведувањето на овој патоказ и Акциски план постојано ќе се следи и редовно ќе се разгледува на Меѓувладините конференции во текот на целиот процес“.

Експертите, домашни и странски, како и дел од опозициските партии, токму  овој сегмент, заедно со споменувањето на Протоколот во Заклучоците на Советот и во Воведната изјава и со годишните прегледи од член 12 (споменати во Преговарачката рамка)  го критикуваа како најризичен за внесување на сите бугарски барања, вклучително и историските и тоа  хоризонтално во текот на целиот процес на преговори.

Владата сето тоа го негира, со став дека Акцискиот план е издвоен од формален аспект и дека Македонија во овој дел нема од што да се плаши, бидејќи напротив може да се пофали со се што прави за унапредување на малцинските права.

Суштински одговор на дилемите зошто се споменува, на пример,  образованието или говорот на омраза – не беше предочен.