Поради штрајк во среда „Lufthansa“ откажува над 1.000 летови

Германската воздухопловна компанија „Lufthansa“ ги откажа за средата сите предвидени летови за Франкфурт и Минхен и од овие аеродроми следните денови поради штрајкот на персоналот, соопшти компанијата во вторникот.

„Патниците погодени со оваа мерка се известени и понудени им се алтернативни летови, но и тие се во многу ограничен број“, се наведува во соопштението на „Lufthansa“.

Синдикатот на работниците во услужните дејности Verdi го повика персоналот на земјата на „Lufthansa“ на еднодневен предупредувачки штрајк кој би требало да почне во средата утрото и да трае следните 24 часа.

Во Франкфурт, кој е база на „Lufthansa“, откажани се 678 а во Минхен, вториот најважен аеродром во Германија на летовите со преместување на компанијата, откажани се 345 летови.

Водството на „Lufthansa“ повторно остро го критикуваше штрајкот, за кој вели дека е „несразмерен“ во однос на целта.

„Преговорите за зголемување на платите се наоѓаат во многу раната фаза, а штрајк среде сезоната на летните одмори предизвикува огромна штета“, изјавил шефот на кадровската служба на компанијата Михаел Нигеман. Штрајкот е големо оптоварување и за вработените во „Lufthansa“ во ова, како што рече, „чувствителен период за воздухопловниот сообраќај“.

Синдикатот Verdi бара за вработените 9,5-процентно зголемување на платите и најмала саатница од 13 евра. Во тек се преговорите и со синдикатот на пилотите со „ Lufthansa“, така што ниту штрајкот на летачкиот персонал не е исклучен во иднина.

На германските аеродроми од почетокот на сезоната на годишните одмори, владее хаотична ситуација поради недостигот од персона, што го отежнува испраќањето на патниците. Поради проблемите со безбедносните контроли досега се откажани и стотици летови.

Се проценува дека тешкотиите доаѓаат поради недостиг од персонал кој во текот на пандемијата на коронавирусот беше отпуштен, а потоа не се врати на старите работни места.