Разорена воена база крај Киев, потврди украинската војска

Руски крстосувачки ракети ја погодиле и уништиле воената база во близина на главниот град Киев и „делумно ја разорија“, соопшти во четвртокот генералштабот на украинската војска.

„Околу 5 часот утрото по локално време непријателот започна напад истрелувајќи шест крстосувачки ракети ‘Калибр’ врз воената постројка Лиутиј во регионот на Киев“, изјави за медиумите Олексиј Громов, висок функционер во врвот на украинските вооружени сили.

Ракетите била истрелани од насока на црноморскиот полуостров Крим, додаде Громов. Тврдеше и дека руските сили наводно од територијата на соседна Белорусија со повеќекратни ракетни лансери извеле напад во северниот украински регион Чернигов.

„Има загуби меѓу украинската војска“, рече уште Громов.

Според него, проруските сепаратисти и руските трупи го продолжиле напредувањето кон градовите Северск и Бахмут на границата на одметнатата област Донбас, доминантно населена со руско и рускојазично население. Ситуацијата таму е „тешка но целосно под контрола“, додаде Громов.

Во јужниот регион Херсон, каде Киев со седмици најавува контраофанзива откако го ракетира со американските системи со голем дострел и висока мобилност HIMARS, наводно последните две седмици украинската војска успеала да врати под контрола три села. Но западните медиуми наведуваат дека информациите не било можно да се потврдат од независни извори.

Додека проруските сепаратисти од Доњецк известија дека во масивните украински гранатирања во изминатото деноноќие загинале четворица цивили, украинската страна наведува дека во четвртокот продолжиле руските бомбардирања во неколку региони.

„Денешното претпладне е бурно. Уште еднаш руските ракети сеат смрт… Украина нема да се предаде, ниту да потклекне“, објави украинскиот претседател Владимир Зеленски на Telegram.

Најмалку едно лице загинало а две се ранети во напад врз регионот Дњепропетровск, објави гувернерот Валентин Резниченко. Гувернерот на јужниот регион Николаев извести за „големо ракетирање“ во коешто е уништено училиште и најмалку едно лице е рането. Градоначалникот на североисточниот град Харков, пак, извести за два напада со противвоздушните ракетни системи С-300 кои предизвикале пожари.