Околу пет илјади машиновозачи во речиси четвртина од британската железничката мрежа стапија во саботата во штрајк, во рамките на нивната кампања за поголеми плати откако стапката на инфлацијата во земјата достигна највисоко ниво во последните 40 години.
Дваесет ичетиричасовниот штрајк, во организација на синдикатот на машиновозачите ASLEF, е втор значаен штрајк оваа седмица на британската железничка мрежа, откако 40.000 членови на синдикатите RMT и TSSA, кои го претставуваат останатиот железнички персонал, одржаа голем штрајк во средата.
Растечката инфлација, којашто гледано преку потрошувачките цени во моментов изнесува 9,4 отсто, и повремениот раст на платите ги зајакнаа стравувањата и нервозата кај работниците во сите сектори, вклучително и поштенските услуги, здравството, образованието, аеродромите и правосудството.
Се очекува дека штрајкот во железницата ќе предизвика „значителни нарушувања“ целиот ден во саботата и во неделата утрото, објавија од „Network Rail“, компанијата којашто управува со британската железничка инфраструктура.
Откажани се речиси сите услуги на седум од 34 железнички оператори во земјата, вклучително и регионалните мрежи за југоисточна и источна Англија, како и меѓуградските линии кои го поврзуваат Лондон со југозападна и североисточна Англија, и со Единбург во Шкотска.
Генералниот секретар на синдикатот ASLEF, Мик Велан, изјави дека во периодот на растечките животни трошоци претходно предвиденото зголемување на платите за машиновозачите за 2 отсто сега не може да опстане.
Стив Монтгомери, генерален директор на железничкиот оператори „First Rail“ и претседател на „Rail Delivery Groupe“ за целата индустрија, изјави дека операторите ќе дадат поголеми зголемувања на платите, само доколку машиновозачите се согласат на промени во работната практика кои би штеделе пари.
„Не им велиме на луѓето да работата подолго, туку да бидат попродуктивни во рамките на часовите кои моментално ги имаат“, рече Монтгомери.
Синдикатот ASLEF планира да одржи уште еден еднодневен штрајк, на 13-ти август.