ВМРО-НП: Тенковите што ги донира Македонија се купени токму од Украина

Од ВМРО-Народна партија на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во врска со написите во некои написи во регионот за потеклото на тенковите кои се подаруваат на Украина велат дека доколку станува збор за истите тенкови кои се набавени во конфликтот во 2001 година, тие не се донирани од Русија, туку се купени од Украина.

„Сакаме да потенцираме дека тенковите Република Македонија не ги доби како донација од Русија, како што пишуваат некои медиуми, туку државата ги купи од Украина, што беше многу важна помош со оглед дека тогаш имаше неофицијално емабрго за продажба на оружје за Македонија. Сакаме да додадеме и нагласиме дека дека тенковите не се добиени како помош туку се купени со македонски пари“, велат од ВМРО-Народна.

Од партијата на Георгиевски кој токму во тој период беше на чело на Владата, аведуваат и дека би било добро Македонија за овие 30 тенкови од моделот „Т-72“ да добие некаква компензација од НАТО земјите со оглед на фактот дека ова оружје е сѐ уште функционално и употребливо.

Од Министерството за одбрана претходно деновиве информираа дека станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”.

Додадоа дека врз основа на извршените „анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата, во наредниот период ќе се изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон што е во тек и ќе се пристапи кон воспоставување модерни и современи противоклопни способности и капацитети“ во Армијата.