
Кинеска ракета падна на Земјата во саботата во водите на Индискиот Океан, а американската агенција за вселенски истражувања NASA го обвини Пекинг дека не споделил „специфични информации за траекторијата“ потребни за да се утврди каде остатоците би можело да падната.
Вселенската команда на САД соопшти дека ракетата „Долгиот марш 5Б“ навлегла во атмосферата на Земјата над Индискиот Океан околу 12,45 часот по локално време, но ги проблематизира „техничките аспекти на повторното влегување, како што е потенцијално место на раштркување на остатоците“.
„Сите вселенски нации би требало да ја следат утврдената најдобра практика и да дадат свој удел во споделувањето на овој вид информации однапред, за да се овозможат сигурни предвидувања за потенцијалниот ризик од удари на остатоци. Тоа е клучно за одговор на користењето на Вселената и осигурувањето на безбедноста на луѓето тука на Земјата“, изјави Бил Нелсон, администратор во NASA.
Корисници на социјалните мрежи во Малезија објавија видео со предмети коишто наликуваат на остатоци од ракета.
Од „ Aerospace Corp“, непрофитен истражувачки центар близу Лос Анџелес кој го финансира владата на САД, соопштија дека било „непромислено да се дозволи“ делот од ракетата кој вкупно тежи 22,5 тони „неконтролирано да се врати“ на Земјата.
Претходно седмицава аналитичарите објавија дека телото на ракетата ќе се распадне додека паѓа низ атмосферата, но дека е доволно големо и оти многу делови веројатно ќе преживеат.
Кина претходно седмицава најавувајќи го падот на ракетата извести дека внимателно ќе ги следи остатоците, но соопшти дека тие претставуваат мал ризик за некој на планетата.
Ракетата „Долгиот марш 5Б“ беше лансирана на 24-ти јули за да испорача лабораториски модули за новата кинеска вселенска станица којашто се гради во орбитата, што е третиот лет на најмоќната кинеска ракета од нејзиното прво лансирање во 2020 година.