Бербок вети помош за Тајван во случај на напад од Кина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вети поддршка за Тајван доколку дојде до кинески напад, пишува во вторникот германскиот дневен весник Spiegel.

„Не прифаќаме кога се прекршува меѓународното право и голем сосед го напаѓа својот помал сосед со кршење на меѓународното право, тоа се разбира важи и за Кина“, ја цитира весникот Бербок која престојува во посета на Њујорк на конференцијата на Обедиентите нации.

„Со оглед на бруталната руска агресивна војна против Украина, важно е јасно да се стави до знаење дека меѓународната заедница не прифаќа такво однесување“, додала Бербок.

Во информацијата не се наведува за какви конкретни форми на помош и мерки на поддршка мислела шефицата на германската дипломатија која доаѓа од редовите на Зелените.

Ситуацијата околу Тајван е особено тензична последните денови, поради најавената посета на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, што претставува отстапување од долгогодишната практика на САД највисоките политички функционери да немаат официјални посети на островот, а Пелоси е втората во наследната линија на шефот на државата. Пекинг го смета Тајван за своја одметната провинција и жестоко се спротиставува на секој контакт меѓу претставници на Тајпеј со актуелни функционери, особено високи или воени од земјите со кои Кина има дипломатски односи.

Официјалните односи меѓу централната влада во Пекинг и властите во Тајпеј се прекинати во 1949 година, кога силите на Куомитангот, предводени од генералот Чанг Кај-шек, поразени во граѓанската војна со Кинеската комунистичка партија, се префрлија на островот Тајван. До 1971 година, кинеското место во ОН го заземаше Република Кина (Тајван), а до денес ја признаваат само 14 членки на ОН, како и Ватикан, како најзначаен меѓународен субјект кој одржува службени дипломатски односи со Тајван. Државите не може да имаат официјални односи истовремено со Кина и со Тајван, како што беше случајот со Македонија кон крајот на 1990-те и почетокот на 2000-те години.

Американскиот претседател Џо Бајден на почетокот од јуни изјави дека САД се подготвени за воена интервенција во одбрана на Тајван „во случај на инвазија“ и обиди еднострано да се измени „тајванското статус-кво’. Подоцна Белата куќа појасни дека Бајден зборувајќи за американската подготвеност за воен ангажман во одбраната на островот, имал предвид снабдување со оружје за самоодбрана на Тајван. Подоцна Бајден одговарајќи на новинарско прашање дали САД ќе испратат војска на Тајван во случај на кинеска инвазија потврди дека позицијата на Вашингтон по ова прашање е непроменета.

Во 1979 година САД ги прекинаа дипломатските односи со Тајван и воспоставија односи со Кина. И покрај тоа што ја признава политиката на „Единствена Кина“, Вашингтон продолжува да одржува контакти со администрацијата во Тајпеј и го снабдува Тајван со оружје. Во 2020 година, администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во услови на заладени односи со Пекинг поради ситуацијата во Хонг Конг, значително ги зајакна контактите и размената со Тајван, што наиде на негодувања кај кинеските власти.

На почетокот на октомври минатата година њујоршкиот весник The Wall Street Journal објави информации од извори од администрацијата на Бајден, дека американските воени инструктори се распоредени во Тајван да спроведуваат обука за зајакнување на одбранбените способности на тајванската армија.